Настинка пар - Фото: Profimedia

Лекарите откриваат: Дали може да настинете ако излезете надвор со мокра коса?

Дали некогаш сте настинале по тоа што во студено време сте излегле надвор со мокра коса? Иако многумина од нас тоа го слушале од родителите и бабите, мократа коса сама по себе не предизвикува настинка. Станува збор за широко распространет мит што се пренесува со децении, а лекарите нагласуваат дека излегувањето надвор со мокра коса во зима не може да биде причина за настинка, пренесува „Хафингтон пост“.

„Не постојат докази, ниту научна литература што би укажувале на ваква поврзаност“, изјави д-р Свапнил Пател, заменик-раководител на одделот за медицина во медицинскиот центар „Хакенсак Меридијан – Џерси Шор“.

Ако излезете на студ со мокра коса, телото побрзо губи топлина и ви станува постудено, но тоа не значи дека ќе се разболите, објасни д-р Парул Гојал, вонредна професорка по клиничка медицина на Универзитетот Вандербилт. Истото, додава таа, важи и за излегување надвор без јакна.

Ако носот почне да ви тече по престој на студено, без разлика дали косата ви е мокра или сува, тоа има едноставно објаснување.

„Ниските температури влијаат врз стеснувањето и ширењето на крвните садови. Студот најчесто предизвикува нивно стегање“, објасни Пател.

Спротивно на тоа, во топол туш или при изложеност на пареа, крвните садови се опуштаат, синусите се „отвораат“ и затоа многу луѓе се чувствуваат подобро. Токму поради тоа топлите бањи често носат олеснување кај настинките. Ладниот воздух, вели Пател, делува во спротивна насока.

Доколку веќе сте заразени со вирус, но сè уште немате симптоми, студеното време може да влијае врз крвните садови и да направи симптомите побрзо да се појават или да станат поизразени. Сепак, студот и мократа коса не се причина за самата инфекција, нагласува тој.

Иако излегувањето надвор со мокра коса нема да ве разболи, настинките се шират на други начини. До зараза доаѓа кога ќе дојдете во контакт со вирус – на пример преку ситни капки што остануваат на површини или преку близок контакт со болна личност.

„Најчесто некој ќе кивне, капките ќе завршат на некоја површина, а вие потоа ќе ја допрете“, објасни Пател. Настинка може да добиете и ако со нечисти раце ги допирате очите, носот или устата.

Миењето на рацете со вода и сапун е еден од најважните начини за заштита од настинки и други вируси, како што се ковид-19, грипот или норовирусот.

„Можат да помогнат и дополнителни мерки, како носење заштитни маски, особено ако сте во близина на болни лица“, вели Пател.

Гојал додава дека, кога и да е можно, треба да се избегнува контакт со луѓе кои имаат симптоми на болест.

Исто така е важно болните лица да останат дома, а доколку мора да излезат, да носат маска за да го намалат ширењето на заразните капки.

„Препорачуваме и редовна физичка активност, за имунолошкиот систем да биде поподготвен за борба против вирусите“, изјави Гојал.

Доволно сон и урамнотежена исхрана исто така придонесуваат за подобар имунитет. Се препорачува и избегнување на пушењето, бидејќи тоа може да ве направи поподложни на настинки, предупреди Пател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот