Лажетиќ: Безобѕирните возачи ќе останат без автомобили, но не по првиот сообраќаен прекршок
Нашата сообраќајна некултура, како резултат на општата некултура во државата, мора да се регулира преку законски измени и системот „Безбеден град“, изјави професорката по казнено право Гордана Лажетиќ.
Препорачано
Таа нагласи дека е позитивно што се прошируваат одредбите за кривичното дело безобѕирно управување со моторно возило, бидејќи и самото постоење на законска рамка делува превентивно.
-Постои заблуда дека веднаш на првиот прекршок ќе ви го одземат возилото. Но, за повторници кои возат со брзина поголема од 120 километри над дозволената, возилото се претвора во опасно орудие и мора да биде одземено – изјави Лажетиќ.
Таа додаде дека се размислува и за тоа колку забрани треба да има за одредени прекршоци за да се воспостави ред во сообраќајот, а правилата треба да важат за сите возачи, пешаци, велосипедисти и корисници на електрични тротинети.
Во однос на имплементацијата на системот „Безбеден град“, Лажетиќ рече дека најголемиот акцент ќе биде на прекршоците.
-Очекуваме во почетокот да има зголемен број барања за поведување прекршочни постапки, што ќе претставува дополнителен товар за судовите. Сепак, постојат механизми за дел од нив да се решат без судска постапка -истакна таа.


