Лани ЕВН фатиле 650 крадци на струја, многумина се копачи на криптовалути

Биткоин/ Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Неовластеното преземање електрична енергија претставува кривично дело што се казнува со издржување казна затвор.

Во текот на минатата година ЕВН откриле повеќе од 650 случаи на неовластено преземање електрична енергија. Меѓу нив, има и многу копачи на криптовалути. Од компанијата велат дека сите манипулации со броилата порано или подоцна ќе бидат откриени. Сепак, има загуби на струја направени со такви кражби каде што струјата воопшто и не поминува преку струјомер.

– За овие 650 случаи е поднесена соодветна пријава, а за понатамошната постапка се надлежни државните институции. Секој несовесен корисник што прави манипулации врз броилото, порано или подоцна ќе биде откриен и за тоа следуваат правни и материјални казни според законите. Сите броила имаат своја заштита и таквите манипулации или, пак, обиди за манипулации, се регистрираат и тоа во период од 15 месеци наназад – велат од ЕВН за „Слободен печат“.

Енергетската компанија потенцира дека неовластеното преземање електрична енергија претставува кривично дело што се казнува со издржување казна затвор.

– Законска обврска на ЕВН е да го пријави неовластеното користење електрична енергија во МВР, а воедно и да изготви пресметка за неовластено преземање според претходно утврдените законски параметри. Сторителот на кражбата има обврска да го подмири настанатиот долг – појаснија од ЕВН.

Од ЕВН велат дека има и енергија што се губи, таа не може да се измери и не се знае крајниот потрошувач.

– Ова подразбира дека не може да се добие одговор на прашањето колкав е уделот на загуби предизвикан од копање криптовалути во вкупните загуби, ниту пак може да се прогнозира, но може да се знае колку е потрошена енергија, а колку фактурирана. Неовластеното користење електрична енергија се случува поради различни причини, а истото важи и за загубите. Како најголеми причинители може да се набројат: копањето криптовалути, кражбите на електрична енергија од страна на домаќинствата, малите комерцијални објекти коишто имаат голема потрошувачка како и приватната потрошувачка. Значи, секако дека има различни профили на извршители, а меѓу нив и копачи на криптовалути – велат од ЕВН.

Деновиве се актуализира копањето криптовалути, откако претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски информираше дека 17 домаќинства трошат 10 отсто од струјата што ја трошат сите други домаќинства, а дека меѓу нив има и копачи на криптовалути. Но како што потенцираше Бислимоски, во овој случај не станува збор за крадење струја, туку за легално преземена и платена струја. За оваа струја проблематично е што се плаќа по регулирана цена, што значи дека разликата до реалната цена ја плаќа државата. За украдената струја, пак, не само што не се плаќа ни денар, туку дивите копачи на криптовалути прават сериозен проблем во снабдувањето со електрична енергија и со тоа го загрозуваат напојувањето на легалните корисници. Бислимоски изјави дека се фатени повеќе копачи на криптовалути, кои диво биле приклучени на уличното осветлување.

При формирање на цената на струјата, се признаваат и загуби на струја, но по однапред одреден процент што го признава Регулаторната комисија за енергетика – а тоа е 12,4 проценти од вкупната влезена количина електрична енергија во дистрибутивниот систем.

НОВ ТАРИФНИК: Само во високата тарифа, цените на струјата ќе зависат од потрошувачката

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот