НОВ ТАРИФНИК: Само во високата тарифа, цените на струјата ќе зависат од потрошувачката

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Секое домаќинство ќе биде потенцијален корисник на сите 3, или 4 блока, во зависност од тоа колку троши месечно, објаснуваат од Регулаторната комисија за енергетика

При крај се анализите за најголемата реформа на тарифниот систем за електрична енергија во последните 30 години. Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски на прес-конференција изјави дека во ниската тарифа ќе има само една цена, независно кој колку троши струја. Во високата, односно скапата тарифа, ќе има 3 или 4 блока и во нив ќе има различни цени.

Новиот тарифник се очекува да стартува во јули заедно и со новиот ценовник на струја, за кој компаниите веќе доставуваат пресметки. Колкави ќе бидат лимитите за блок-тарифите, Бислимоски рече дека ќе се обелодени кога ќе се донесе конечната одлука, но ќе се внимава на тоа домаќинствата што се греат на струја, затоа што реално немаат друг избор, да бидат заштитени.

– Размислуваме за тоа да постои можност за почесто менување на цените во рамките на блоковите. Така, во еден блок, да има пониска цена на струја во зима, а повисока во лето – вели Бислимоски.

Тој објасни и дека секое домаќинство е потенцијален корисник на сите 3, или 4 блока.

– Дури и да е во највисоката тарифа, потрошувачот ќе си плати најниска цена за оние киловати што влегуваат во првата тарифа, потоа по втора цена ќе му се пресметуваат оние киловати што влегуваат во вториот блок, а по трета, и евентуално четврта, оние во третиот и во четвртиот блок – рече Бислимоски.

Бислимоски ги раскажа и искуствата од соседните земји. Во Србија има 3 блока, односно една цена за потрошувачка до 350 киловати месечно, друга од 351 до 1.600 и трета над 1.600 и соодносот меѓу најниската и највисоката тарифа е 1 спрема 4. Во Косово има два блока, месечна потрошувачка до 800 киловати и над 800 киловати и односот на цената е 1 спрема 2. Во Албанија се размислува за воведување модел со блок-тарифи до 700 киловати и над 700 киловати.

– Просечната потрошувачка на месечно ниво во државава е 410 киловат-часови, при што 53 отсто се во скапата тарифи, а 47 отсто се во евтина – рече Бислимоски.

Тој сподели податоци дека 21,5 отсто од домаќинствата трошат од нула до 100 киловати месечно. Од 100 до 400 киловати трошат 42 отсто од домаќинствата, од 400 до 500 киловати 9,7 проценти, од 500 до 1.000 – 19,8 и над 1.000 киловати се 7,7 проценти.

– Едно четиричлено семејство што се грее на струја на панели, во просек троши 1.100 до 1.200 киловат-часови месечно, а со инвертори од 800 до 850 киловат-часови, но сепак, тоа зависи и од изолацијата – вели Бислимоски.

Тој потенцираше дека ние сме први во регионот само со блок-тарифи во скапата тарифа.

– Тоа ни одговара и нам како електроенергетски систем, затоа што има периоди кога имаме и вишок струја. Но во скапата тарифа ќе имаме различни цени. Највисокиот блок ќе биде со цени блиски на слободниот пазар. Во земјава, 17 домаќинства трошат 10 отсто од струјата што заедно ја трошат сите домаќинства. Нивната потрошувачка е рамна на 30 отсто од домашното производство на струја од хидроцентралите што се под ЕСМ. Нека си трошат колку што сакаат, ама за тоа мора да го платат повеќе – вели Бислимоски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот