17 домаќинства месечно за струја плаќаат 3 милиони евра: Некој загрева „маратонски“ базени, некој копа криптовалути

крипто биткоин
Илустративна фотографија / Архива на Слободен печат

Грубата пресметка што ја направи „Слободен печат“ (по цена за еднотарифно броило) покажува дека за месечно потрошените 33 милиони киловат-часови се платени 194 милиони денари (околу 3 милиони евра).

Прватa помисла за тоа како може едно домаќинство да потроши милиони киловат-часови електрична енергија е копање криптовалути. Сепак, има и такви што успеваат толкава струја да потрошат поради задоволство. Според нашите сознанија, меѓу оние 17 домаќинства што трошат 10 отсто од вкупната потрошувачка на домаќинства е и сопственик на огромна куќа со внатрешни и надворешни базени што постојано си ги загрева.

Потрошувачката на струја е нелимитирана и секој може да троши колку сака, ако ја плати. Но, она што стана проблематично и за што веќе се подготвува нов тарифник е што тие милионски киловати ги плаќаме сите ние другите преку државната каса од која се субвенционира цената на струјата за домаќинствата. Според Извештајот на Регулаторната комисија за енергетика за 2021 година, во Македонија има 787.991 потрошувачи домаќинства. Како што изјавија од РКЕ, домаќинствата во просек трошат по 410 киловат-часови електрична енергија, што значи дека за нив на месечно ниво се наменети околу 330 милиони киловат-часови електрична енергија, а меѓу нив е и „големата 17-ка“ со месечна потрошувачка од околу 33 милиони киловат-часови, или секој од овие најголеми потрошувачи на струја за домаќинства, во просек трошел по 1,9 милиони киловати!

Грубата пресметка што ја направи „Слободен печат“ (по цена за еднотарифно броило) покажува дека за овие 33 милиони киловат-часови се платени 194 милиони денари (околу 3 милиони евра).

За да се стави крај на тоа од буџетот да им се плаќа струјата и на оние што ја трошат за луксуз и на оние што од неа заработуваат, Регулаторната комисија за енергетика ги најави блок-тарифите во кои цената ќе зависи од потрошувачката на струја.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски вели дека овие 17 домаќинства редовно си ги плаќаат сметките и дека за оние што со помош на искористената струја заработуваат, тоа не е ништо во однос на користа што ја имаат. Секако, во овој случај станува збор за „копање“ криптовалути.

Како што објаснуваат од Управата за финансиско разузнавање (УФР), „копањето“ криптовалути не е незаконско дело, а во собраниска процедура, на последно читање чека Нацрт-предлог на Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам, во кој е предвидена и задолжителна регистрација на секој што се занимава со криптосредства.

– Во Македонија засега не постои посебен закон што ги регулира на специфичен начин виртуелните средства, но исто така не постои ниту специфичен закон, или подзаконски акти, кои ги забрануваат активностите во поглед на виртуелните средства како нивно чување, вршење трансакции, купување и слично – велат од УФР.

Експертите објаснуваат дека само доколку струјата е украдена, освен што „копачите“ на криптовалути кривично би одговарале за нејзината кражба, тогаш би одговарале и за стекнато право од нелегални активности, при што криптовалутите и приносите може да бидат предмет на конфискација. Со легално платена струја, иако по цена за домаќинства, тие сега имаат легален бизнис.

НОВ ТАРИФНИК: Само во високата тарифа, цените на струјата ќе зависат од потрошувачката

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот