Кристина Еплгејт за борбата со мултипла склероза: „Ќерка ми како да ја изгуби мајката што ја имаше“
Американската актерка Кристина Еплгејт повторно проговори за својата здравствена состојба, неколку години откако откри дека боледува од мултипла склероза. Таа вели дека хроничната болка честопати ја приковува за кревет, но дека моментите поминати со 15-годишната ќерка Сејди ѝ даваат сила да продолжи.
Препорачано
Во интервју за списанието „Пипл“, објавено вчера, Еплгејт откри дека најдраги ѝ се утринските возења до училиште.
„Сакам да ја однесам на училиште, тоа ми е најомиленото нешто на светот. Тоа е единственото време кога сме само ние две“, изјави актерката.
На Еплгејт ѝ беше дијагностицирана мултипла склероза во 2021 година, автоимуна болест што го зафаќа централниот нервен систем. Таа не крие дека нејзиниот живот повеќе не е „убава приказна со панделка“.
„Животите на луѓето понекогаш се навистина сурови. Затоа зборувам искрено, без разубавување“, вели таа.

Актерката отворено говори и за тоа како болеста влијае врз нејзината ќерка, која ја има со сопругот Мартин ЛеНобл.
„Сејди ме познаваше како здрава личност, како тркачка, како некој што вежба и танцува. Кога се случи ова, беше повлечена“, раскажа таа.
Таа додава дека ќерка ѝ понекогаш ја гледа додека лежи во кревет или кога не може да стигне до нејзината соба за да ѝ посака добра ноќ.
„Како да ја изгуби мајката што ја имаше“, признава актерката.
Еплгејт верува дека симптомите започнале шест или седум години пред официјалната дијагноза. За време на снимањето на првата сезона од серијата „Мртов за мене“ (Dead to Me), забележала неконтролирано тресење на ногата, кое го припишувала на замор или дехидрација.
Колешката Селма Блер, која исто така боледува од мултипла склероза, ја охрабрила навреме да се тестира. Еплгејт потврди дека „Мртов за мене“ најверојатно ќе биде нејзиниот последен актерски проект пред камера. Таа ја пофали и Линда Карделини како „најголемата актерка со која некогаш работела“.


