Косовски дијалог: Недостасува сè

Александар Вучиќ /Фото: ЕПА

Помина деценија од отварањето на косовскиот дијалог и точно осум години од парафирањето на Бриселскиот договор, но Србија и Косово се далеку од некаков договор и одржливо решение.

Креативноста на директните преговарачи, но и од Европската Унија е рамна на нула. Завладеа апатија и политичка инерција, а стартните позиции се дијаметрално спротивни. Дијалогот е претворен во показна вежба на патриотизмот, преку кој политичките лидери во Белград и Приштина собираат поени меѓу бирачите, додека европските чиновници  гледаат прилика за напредување во дипломатијата.

Од парафирањето на Бриселскиот договор во 2013 година, единствено што е остварено се однесува на „нереализираните“ економски одредби на Вашинтонскиот договор и договорот во рамки на Берлинскиот процес, кои се ограничени на софт прашања во врска со младите и организацијата на цивилниот сектор.

Доколку политичката волја е единствениот пат кон решението, тогаш можеме да констатираме дека волја нема. Сè потсетува на Босна каде Дејтонскиот договор спречи нови воружени судири, а се останато не функционира. Така и Србија и Косово: имаат Бриселски договор и од него – ништо, или речиси ништо.

Минува времето на хибернација со преќутна согласност на сите, што е троен парадокс имајќи в предвид што би можело да се добие со решението. На Србија и на Косово ќе им се подотвори вратата во ЕУ, а Европа би се ослободила од потенцијално жариште.

ЕУ рутински повторува дека регионалната соработка и добрососедските односи се клучен елемент во процесот на пристапување, но попусто од Брисел испраќаат пораки дека со нормализацијата посочените страни ќе се приближат до Унијата: европската перспектива не делува претерано уверливо ни за Белград, ниту за Приштина. Морковот го губи мирисот.

Се праќа и порака дека компромисот мора да биде основа на решението, но никаде не може да се види од што би се состоел компромисот, бидејќи позициите на Србија и Косово и натаму се дијаметрално различни.

Продолжението на преговорите Белград го условува со исполнувањето на прифатената обврска на Приштина, за основање на Заедницата на српски општини(ЗСО), а претседателот Александар Вучиќ одбива секаква идеја за меѓусебно признавање. Постојано се труди да се претстави како конструктивен миротворец, а во позадина не работи ништо бидејќи се плаши од ризик.

За Приштина признавањето е единственото можно решение. Претседателката Вјоса Османи истакнува дека нема да има дијалог додека луѓето умираат од пандемија, а како прва тема за продолжувањето на дијалогот го нуди решавањето на судбините на луѓето кои се водат како исчезнати. Премиерот Албин Курти дава до знаење дека дијалогот му е на трето или четврто место според приоритетот. Одбива да го реализира довогорот за СЗО. Се заканува со тужба за геноцид против Србија и побарува исплата на воена отштета.

Што е направено од јули минатата година, кога дијалогот беше обновен? Ништо. Статус кво каков што најмногу ја радува Москва. Вистина, во меѓувреме е променет главниот преговарач на Србија, власта на Косово, именуван е нов специјален претставник од ЕУ за дијалогот, во Белата куќа е нов човек.

Имаат ли сите тие промени потенцијал да влијаат на продолжување на дијалогот? На продлжувањето веројатно да, со сите дипломатско-козметички разубавувања, но решението е многу далеку. Не гледам ниту еден добар разлог за да поверувам во оптимизмот на европскиот емисар Миролав Лајчак, со кој тој се расфрла по службена должност.

Европската Унија не го менува ставот кон Вучиќ, но се уште не знае како де се постави кон бескомпромисниот Курти, кој јасно знае што сака, а што не сака. Неговиот приоритет е економска нормализација и на таа агенда доби незапамтена поддршка од граѓаните.

Германија веќе ја нема тежината за да ги притисне Белград и Приштина, Тоа би требало да е во надлежност на Вашингтон.

Соединетите Американски Држави би можеле да имаат клучна улога, но под радарот бидејќи не сакаат да овозможат ситуација во која и Русија ќе се вклучи во преговарачкиот процес. Администрацијата на Џо Бајден забрзано работи на обнова на координацијата на трансатланското сојузништво, но обновата на соработката е усмерена на односите со Русија и Кина или кон климатските промени. Западниот Балкан е се уште далеку од приритетите на американската надворешна политика. Прашање е дали Вашинтон сака Србија и Косово да ги стави под посилен притисок.

Тоа значи дека под сенката на пандемијата, иницијативата повторно им се препушта на Европјаните – што е вест која не ветува. На хоризонтот не се гледаат нови идеји и енергичност, па Белград и Приштина ќе продолжат да ги утврдуваат своите рововски позиции.

Се наоѓаме во надреална ситуација на која се повеќе се преговара заради самите преговори, а помалку поради нормализацијата на односите. Во текот на мартовската турнеја на релација Белград – Приштина, Лајчак повтори дека Србија и Косово мора да го обноват дијалогот. И тоа ќе се случи, претседателот Вучиќ најави дека го очекуваат две патувања во Брисел во текот на мај. Дали тоа значи дека постојат некои нови иницијативи кои би понудиле нешто конкретно? Се сомневам. На никого не му се брза. Дијалогот е надвор од радарот на Приштина, а Белград возвраќа со „а зошто на нас би ни се брзало?“.

Напредувањето на дијалогот ќе зависи од брзината на која се реформираат српското и косовското општество. Што, ќе се сложите, не влева оптимизам. Приморан сум да се вметнам во 73 проценти од граѓаните на Србија, кои не веруваат дека ќе дојде до нормализацијата во блиска иднина.

Основниот недостаток на дијалогот, по мое длабоко уверување е неговата отуѓеност од оние кои од решението би требало да имаат најголема корист, народот на Србија и народот на Косово. Анкетите покажуваат дека граѓаните го поддржуваат дијалогот, но не гледаат никаква корист, што воопшто не чуди.

Доколку се прашуваме дали граѓаните на Србија знаат со кои проблеми во секојдневието се соочени луѓето на Косово и обратно, ќе добиеме разочарувачки одговор. Не знаат речиси ништо, а сè тоа што го знаат се паролите на нивните лидери.

– Никој не нè тера да постигнеме еден договор, туку тоа е потребата на нашите општества да се нормализираат односите и да се отворат можности на крајот да живееме во култура на мирот, а не во културата на судирите и јазикот на војната, кој веќе долго доминира. По 20 години имаме генерација на млади луѓе кои се родени по војната, а кои живеат во јазикот на војната, односно конфликтот – вели косовскиот публициста Ветон Сурои.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот