Колумбиски фармер пронајде 600 милиони долари закопани на имотот, се сомнева дека му припаѓаат на Пабло Ескобар
Колумбиски фармер од регионот Антиокија случајно пронашол неверојатни 600 милиони долари во готовина закопани на неговата фарма, додека извршувал земјоделски работи.
Препорачано
Како што јавуваат колумбиските медиуми, се претпоставува дека парите би можеле да бидат поврзани со покојниот нарко-бос Пабло Ескобар.
Фармерот, кој од безбедносни причини сакал да остане анонимен, налетал на неколку зарѓосани метални буриња закопани повеќе од еден метар под земја. Во нив се наоѓале стотици свеќња американски долари, совршено сочувани, пренесува шпанскиот медиум „Марка“.
Откако властите биле известени за откритието, започнала официјална истрага за потеклото на парите. Првичните сомнежи водат кон тоа дека станува збор за дел од скривалиштата на картелот Меделин, кои во 1980-тите и 1990-тите години се користеле за складирање огромни количини готовина што не можеле лесно да се легализираат или пренесат.
Ова не е првпат да бидат пронајдени пари што му припаѓале на Ескобар. На врвот од својата моќ, тој имал милијарди долари закопани на различни локации – од фарми до длабоко во џунглата. По неговата смрт во 1993 година, многу од тие „резерви“ останале заборавени.
Откритието повторно ја разгоре легендата за „богатството на Пабло Ескобар“, но истовремено отвори и прашања за безбедноста на фармерот и неговото семејство.
Колумбиската влада во моментов разгледува дали целата сума од 600 милиони долари ќе биде запленета или, пак, фармерот ќе добие награда за искреното пријавување на пронајдениот имот.


