Кои ВПН-врски се безбедни за користење, а кои не?
ВПН-врските се многу популарни, но, за жал, многу провајдери не го исполнуваат она што го ветуваат, покажува една алармантна студија. Направивме листа на оние кои се безбедни за користење
Оној кој живее во авторитарна држава, а сепак сака објективно преку интернет да се информира за состојбите во својата земја, има тежок предизвик. Опозициските медиуми се забранети, а странските веб-страници често се блокирани.
Препорачано
Решението: VPN-врска, односно Виртуелна приватна мрежа (ВПМ). Таа има две предности: IP-адресите се маскираат, а содржините се шифрираат. Така може да се пристапи и до блокирани веб-страници и да се оствари човековото право на слобода на печат и информирање. Стотици милиони луѓе ширум светот користат VPN.
Користењето VPN значи доверба
Затоа ваквите мрежи се нелегални или строго ограничени во земји како Кина, Русија, Белорусија, Иран и Северна Кореја. Кој ги користи таму, го прави тоа дискретно, и очекува и од провајдерот да постапува дискретно со податоците што се создаваат. Но, дали тоа секогаш е така?
За жал, не! Сеопфатна студија на „Open Technology Fund“, независна непрофитна организација која се залага за глобална интернет слобода, открива алармантни недостатоци кај некои VPN-провајдери – со последици што, во најлош случај, можат да ги одведат корисниците во затвор.
Кога Кина ја презема контролата
Списокот на недостатоци почнува со нетранспарентна сопственост: „Многу VPN-услуги ги прикриваат своите вистински сопственици преку сложени корпоративни структури“, стои во студијата. Со други зборови: често не е јасно кој навистина има влијание врз компаниите.
Така, на пример, компаниите Innovative Connecting PTE, Autumn Breeze PTE и Lemon Clove PTE тврдат дека се регистрирани во Сингапур. Но, всушност, тие се контролирани од кинески државјани од Кина и затоа подлежат на кинеските закони за контрола на информации, пишуваат авторите. Сличен заклучок има и друг извештај: „Многу VPN-и основаат фирми со поштенски сандачиња во земји со лабави закони за задржување податоци“.
Осум провајдери, 16 VPN-апликации- „високо проблематични“
Понатаму, многу VPN-услуги се развиени од исти компании: „Мал број компании контролираат непропорционално голем дел од VPN-пазарот преку т.н. white-label решенија“. White-label е производ развиен од трета страна, кој потоа се продава под друг бренд.
Студијата идентификува осум високо проблематични VPN-провајдери со 16 апликации и вкупно над 700 милиони преземања на Гугл Плеј Стор (Google Play Store), кои ја кријат својата поврзаност. Дополнително, „овие апликации имаат проблеми со приватноста и безбедноста, што ги изложува корисниците на ризик од надзор“.
Стотици милиони корисници потенцијално загрозени
Меѓу апликациите што се оценети како „особено загрижувачки“ се
– Turbo VPN,
– VPN Proxy Master,
– XY VPN и
– 3X VPN – Smooth Browsing, секоја со по 100 милиони преземања.
Така, стотици милиони интернет-корисници живеат во илузија на безбедност што не постои. „Бидејќи провајдерите го користат т.н. Shadowsocks тунел-протокол (кој не е дизајниран за доверливост), за да го изградат VPN-тунелот, и тврдат дека врските се безбедни“.
Фиксни лозинки – сериозен безбедносен ризик
Но тоа не е сè: двете групи провајдери, според студијата „Важно е кој го поседува, оперира и развива твојот ВПМ“ („Who owns, operates, and develops your VPN matters“), го користат Shadowsocks-протоколот со однапред вградени лозинки, кои се зачувани во апликациите – сериозна безбедносна грешка. Напаѓачите можат да ги прочитаат овие лозинки и да ја дешифрираат целата комуникација.
Дополнително, многу провајдери користат изнајмени сервери во дата-центри, без целосна контрола врз хардверот. А некои VPN-апликации тајно собираат податоци за локацијата, иако нивните политики за приватност тврдат спротивното.
Дали и мојата VPN-апликација е погодена?
Во заклучокот на студијата стои: „За жал, VPN-услугите во најдобар случај можат да создадат лажно чувство на безбедност, а во најлош случај целосно да ја загрозат приватноста и безбедноста. Кај апликациите од
-Innovative Connecting,
– Autumn Breeze,
– Lemon Clove,
– Matrix Mobile,
– ForeRaya Technologies,
– Wildlook Tech,
– Hong Kong Silence Technology и
– Yolo Mobile Technology Limited, секој корисник се изложува на сериозен ризик поради сериозни проблеми со приватноста и безбедноста“.
Наместо тоа, авторите препорачуваат користење на платени VPN-услуги, кои генерално се сметаат за посигурни. Така, на пример, не се утврдени сериозни проблеми со
– Lantern,
– Psiphon,
– ProtonVPN или
– Mullvad.
„Катастрофално за безбедноста на корисниците“
Бенџамин Миксон-Бака, еден од авторите на студијата, користи остри зборови: „Ова е катастрофално за приватноста и безбедноста на овие корисници. Независно од земјата на потекло, слабостите што ги откривме покажуваат дека овие VPN-и не нудат никаква приватност или безбедност – спротивно на тврдењата на нивните веб-страници. Корисниците имаат лажно чувство на сигурност, додека државен актер може да види сè што тие прават“.
Ако се земе предвид и колку далеку отишле провајдерите за да ја сокријат својата вистинска идентичност, и дека, и покрај спротивните тврдења, сепак собираат географски податоци – тоа претставува „сериозно нарушување на довербата на корисниците“.
Апел до операторите на апликациски продавници
Заклучокот: „Корисниците треба да преферираат VPN-провајдери што нудат целосна транспарентност за сопственоста, инфраструктурата и правната надлежност“. Open-source решенија и независни ревизии се клучни индикатори за квалитет.
Авторите им препорачуваат на операторите на продавници за апликации да обрнат поголемо внимание на безбедносните недостатоци при одобрување апликации. Инаку, VPN-симболот што се појавува во Google Play Store создава чувство на сигурност што не е поткрепено со факти.
Последна опција: Tor Browser
За Миксон-Бака, постои основен конфликт кај VPN-услугите: „Приватноста и безбедноста – она што луѓето го очекуваат од овие производи – се во директен судир со рекламирањето и профитот. Ние и други откривме дека не завршува добро кога ќе се измешаат приватноста и рекламирањето“.
Јавно финансирано VPN-решение, слично на апликацијата Сигнал (Signal), би било одлично, вели тој, но тоа не би ги решило основните ограничувања во однос на приватноста и безбедноста – дури ни со јавни средства.
Кој навистина сака да биде сигурен, треба да користи Тор Пребарувач (Tor Browser). „Тор, како и сè друго, има свои ограничувања, но ако приватноста ви е главна грижа – Тор е првиот избор“.
Извор: DW/ Автор: Мартин Муно


