Кои би биле последиците од откажување на Олимписките игри?

фото: твитер

Јапонската министерка за Олимписките игри, Хашимото изјави дека Јапонија има договор со МОК, кој им овозможува да ги одложат игрите до крајот на годината

Олимпискиот пламен пристигна во Јапонија, но вообичаената радост по повод Олимписките игри сега не е така големо, бидејќи сè уште е неизвесно дали истите ќе се одржат поради коронавирусот.

Досега нема никакви официјални информации дека ќе има одложување на Олимпијадата која треба да се одржи во Токио, Јапонија.

Големи спортски натпреварувања, НБА лигата, Формула 1, европски фудбалски првенства, се одложени за да се избегнат големи гужви на гледачи и спортисти со цел да се спречи ширењето на заразата. Но, од Јапонија инсистираат дека Олимпијадата ќе се одржи во најавениот период од 24 јули до 9 август 2020 година.

Јапонија гарантира безбедни игри, но малиот број заразени во Јапонија е сомнителен.

Досега нема никакви најави дека ќе има одложување на Олимпијадата која треба да се одржи во Токио, Јапонија. МОК гарантира дека спортистите, тренерите и помошните тимови ќе бидат заштитени.

Според јапонскиот министер за здравство, тие во моментов имаат 1.662 потврдени случаи на коронавирус. Експертите предупредуваат дека ниската стапка на тестирање во Јапонија може до доведе до поголем број на инфекции.

Членот на владејачката партија во Јапонија, Шигеру Ишиба, тврди дека иако Јапонија успева моментно да го спречува вирусот со останување во домовите и слушањето на препораките од Светската здравствена организација, спортистите и гледачите можат да дојдат во Јапонија од земји каде вирусот сè уште се шири.

Затоа, многу е можно игрите да бидат откажани, и покрај сите напори.

twitter/Fast World News

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во четвртокот дека лидерите на Г7 разговарале за одложување или откажување на Олимпијадата, но дека јапонскиот премиер Шинзо Абе сè уште не донел одлука. Претходно во неделата, Абе рече дека има поддршка од челниците на Г7 за да ги одржат Олимписките игри. Тој одби да одговори на прашања во врска со одложувањето на игрите, пренесува „Си-Ен-Ен“.

На крајот на краиштата, одлуката не е на Јапонија. Меѓународниот олимписки комитет може да одлучи да ги откаже ЛОИ во мај.

Членот на Јапонскиот олимписки комитет, Каори Јамагучи сите ги изненади со неговата изјава дека игрите треба да бидат откажани, бидејќи многу спортисти не се во можност да тренираат.

-Откажување на игрите и губење на пари

Летни олимписки игри се откажани трипати во историјата. За првпат во 1916 година, поради Првата светска војна, а преостанатите две во 1940 и 1944 година, поради Втората светска војна. Откажување на Олимпијада во време на мир ќе биде сосема „единствен“ случај.

Откажувањето би влијаело негативно врз спонзорите, медиумите, економијата и спортистите. Организаторите во декември изјавија дека цената на организирање на Олимписките игри е 12,3 милијарди американски долари. Јапонија очекува(ше) над 90 милиони посетители, многу пари беа вложени во надградба на транспортните мрежи и туристичките капацитети, како и во изградбата на нови објекти.

Доколку Олимпијадата се откаже, Токио нема да биде единствениот јапонски град во загуба. Целта беше посетителите да поминат неколку дена во Токио, а потоа да ја искористат можноста да ги посетат и другите региони во Јапонија. Економската штета би се почувствувала низ Јапонија. Во другите градови на оваа држава се очекува(ше )да прими околу 100.000 туристи од различни делови на светот, кои би биле подготвени да платат повисока цена за изнајмување соби од вообичаеното.

-Одложување на игрите

Постои опција да се одложат Олимписките игри, но тоа не е најизводливо. Медиумите кои ги имаат правата за директни преноси, би биле незадоволни доколку Олимпијадата се совпадне со сезоната на американската НФЛ која е исто така атрактивна, и која започнува на 10 септември и завршува на 3 јануари 2021 година. Покрај тоа, Европското првенство во фудбал е одложено и закажано за периодот од 11 јуни-11 јули 2021 година.

Јапонската министерка за Олимписките игри, Сеико Хашимото изјави дека Јапонија има договор со Меѓународниот олимписки комитет, кој им овозможува да ги одложат игрите до крајот на годината.

– Да се одржат Олимписките игри без гледачи

EPA-EFE/DIEGO AZUBEL

– Така добивате минимум 3-4 милијарди американски долари од телевизиски права. Спортистите се на светска сцена, па ќе заштедат и дел од парите од спонзорите. Поголемиот дел од приходите ќе бидат непроменети и нема да има проблеми во распоредот. Организирањето на Олимписките игри е национална гордост за Јапонија и оваа опција ќе им овозможи да ги зачуваат образите – рече Виктор Матесон, спортски економист.

Овие игри имаат посебно значење за нив. Јапонците го нарекоа настанот „Олимпијада за обнова“ за да се потенцира обновувањето на деловите погодени од земјотресот, цунамито и другите катастрофи во 2011 година, во кои загинаа приближно 20.000 луѓе, а 2.500 не се пронајдени.

Олимписката штафета започнува во Фукушима на 23 март, за да ги осветли деловите кои се најпогодени од нуклеарната катастрофа, потоа поминува низ 47 јапонски владини, политички места и на крајот стигнува во Токио на 24 јули.

А спортистите?

Фото: Принтскрин

За повеќето спортисти, Олимписките игри претставуваат момент кој ја заокружуваат нивната кариера. Момент кој бара години на тренинг и лично пожртвување. Врвот на физичката кондиција воглавно доаѓа меѓу 20 и 30 година од животот, што значи дека спортистите имаат „малку време“ да освојат медал. Откажувањето на Олимпијадата може да значи дека некои спортисти (кои се на залез на кариерата) нема да имаат можност да се натпреваруваат за (нов) медал.

Има и спортисти кои допрва треба да се квалификуваат за игрите, меѓу кои и македонските. Оние што треба да ги подобрат своите резултати можеби нема да имаат можност да го сторат тоа, бидејќи многу квалификациски турнири се одложени. Последниот круг од квалификациите за бејзбол, кој требаше да се одржи во Тајван во април, одложено е за јуни.

Како што е веќе познато олимпискиот оган ќе го започне своето патување низ Јапонија, па многумина се надеваат дека Јапонија ќе може да најде начин да ги одржи игрите. Сепак, исходот е неизвесен поради епидемијата на коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот