Кога студентите се запишувале на втор и трет циклус, требало да проверат каде се запишуваат, вели Јаневска за случајот на Филозофски
Дали била виновна администрацијата или раководството, дали некои студенти учествувале во ваквите дејства, ќе утврдат соодветните органи, изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска, коментирајќи ги случувањата на Филозофскиот факултет на УКИМ, каде што од 2019 година наводно противзаконски се запишувале студенти на едногодишни магистерски и докторски студии, иако додипломските им биле тригодишни стручни, а не академски.
Препорачано
Се работи за седуммина запишани на магистерски и четворица на докторски студии и нивните уписи, по решение на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), се поништени и им е прекинато студирањето. Досега не докторирал ниеден, а магистрирале осуммина, за кои нема решение дали дипломите ќе им бидат важечки.
Јаневска рече дека Државниот просветен инспекторат, чиј извештај го добила доцна вчера, утврдил каде се пропустите и според тоа ги донел и одлуките како треба да се постапува. Како што рече, Инспекторатот постапувал по поплаки и жалби на поединци.
„Во текот на викендот ќе го обработиме (извештајот) и во понеделник веќе ќе носиме решение. Министерството и Државниот просветен инспекторат немаат избор, тие мора да постапуваат по закон. Го разбирам апсолутно револтот на студентите, но постојат други институции каде што тие ќе си ги бараат своите права. Она што е во ингеренции на МОН од понеделник ќе биде завршено. Сè друго во соодветните институции, за да биде и по закон и правдата задоволена. Она што јас како министер и оваа Влада се залагаме и многу пати сме го рекле е дека ќе се работи по закон. Постои закон по кој студентите требало да бидат запишани на втор и на трет циклус студии. Државниот просветен инспекторат вели дека тој закон е прекршен. Мене ми е многу жал за тоа што им се случува, но кога се запишувале на втор и трет циклус некој требало да им каже и тие самите да проверат каде се запишуваат“, изјави денеска Јаневска, одговарајќи на новинарско прашање.
Посочи дека Агенцијата за квалитет во високото образование од формирањето до пред осум месеци не направила ниту една евалуација, а дека во изминатите осум месеци се направени голем број евалуации со кои се утврдуваат неправилности.
„Многу бргу ќе слушнеме уште една, многу покрупна неправилност од оваа, која ќе ја изненади целата македонска јавност. Има многу неправилности во одредени институции, не во сите, и за нив ќе се постапува по закон“, нагласи таа.
Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и кандидатка за реизбор, Биљана Ангелова, изјави дека откога ќе заврши целиот процес ќе објават официјален став за тоа „кој е исходот од целата оваа ситуација“ на Филозофскиот факултет на УКИМ.
„Оваа состојба е затекната за сите нас. Се случувало во периодот помеѓу 2019 и 2022 година, во едно сосема друго опкружување и друго раководство“, рече Ангелова.
На новинарско прашање дека се засегнати и студенти, кои со завршени тригодишни стручни студии, се запишале на едногодишни магистерски во изминатите две-три години, ректорката одговори дека мора да го види извештајот за, како што рече, да не се манипула со податоци за одделни студенти.
„Повторно ќе се испита и нивната состојба, и тие се дел од оваа анализа и ќе гледаме во иднина да го премостиме ова. Веројатно ќе се акредитираат и нови студиски програми, ќе се презапишат ако е потребно, меѓутоа законската регулатива мора да биде исполнета. Претходните биле стручни студии и не може да продолжат во понатамошна едукација на академски студии“, посочи ректорката.
Порталот МКД.мк, кој прв пишуваше за случајот, вчера објави и писмо од засегнатите студенти. Според студентите, тие се запишале на магистерски и докторски студии почитувајќи ги сите процедури на кои им укажувале службите на факултетот.
Толкувањата на Законот за високо образование и на Правилникот на УКИМ за запишување во прв и втор циклус не е наша работа, сметаат студентите.
„За тоа се одговорни службите, деканите, продеканите за настава, членовите на комисиите… Тие требале да им кажат за тоа кој и како согласно чл. 5 од Правилникот за условите за запишување на втор циклус студии, можат да се запишат на академски студиски програми од втор циклус – не само лица кои завршиле прв циклус академски студии, туку и лица кои завршиле стручни студии при што факултетот има право, доколку е потребно, да пропише полагање на диференцијални испити во согласност со студиската програма. Правилникот предвидува дека единиците на универзитетот имаат автономно право да ги утврдат конкретните услови за запишување, кои се утврдуваат во конкурсот за запишување студенти. Оттука произлегува дека запишувањето на кандидати со завршени стручни студии на академски студиски програми од втор циклус не претставува исклучок или неправилност, туку можност која е предвидена со правилникот, при што одговорноста за утврдување на условите и критериумите за запишување е во надлежност на самата високообразовна установа“, стои меѓу другото во писмото на студентите.


