„Клучен проблем е контролата“ – Охрид СОС го критикува Предлог-законот за управување со Охридскиот Регион
Иницијативата Охрид СОС најде повеќе недостатоци и слабости во Предлог-законот за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Со овој предлог, според активистите, светското наследство не се третира како интегрален систем, туку институционално раздвоено – природно и културно.
Препорачано
„Во предлог варијантата останува клучниот проблем – управувањето и контролата се распарчени меѓу различни органи, без воспоставен јасен и обврзувачки механизам за заедничка процена и спроведување. Отсуството на ваков механизам е крајно загрижувачкo бидејќи ја ослабува ефективноста на законот и не обезбедува целосна заштита на мешаното светско наследство. Формирањето на централно управувачко тело е клучно за координација, супервизија и навремено преземање корективни мерки, обезбедувајќи реална имплементација на законот, планот за управување и ургентниот (а многу задоцнет) стратегиски план за рехабилитација“, забележуваат од Охрид СОС.
Составот на Комисијата во која членуваат избраници на министрите и општински бирократи, велат тие, ја поткопува нејзината функција како стручно и независно тело и не може да го гарантира интегритетот и независноста потребна за управување со светското наследство.
„Без редефинирано, експертско и независно членство на Комисијата, законот ќе остане формален и неефикасен, неспособен да обезбеди реална контрола и супервизија врз светското наследство“, посочуваат од Охрид СОС.
Понатаму, нагласуваат, повторно се пропушта можноста да се воведе оцена на влијанието врз наследството, согласно барањата на УНЕСКО.
„Наместо тоа, се користи Оцена на влијанието врз животната средина и заштитно-конзерваторски услови, кои се несоодветни во контекст на светското наследство. Дополнително, во пракса овие механизми се применуваат недоволно квалитетно, особено имајќи го предвид застарениот и проблематичен Закон за животна средина. Нацрт-законот не предвидува воведување на суспензивно дејство ниту автоматски правни последици. Отсуството на вакви механизми овозможува формално почитување на обврските кон Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, но фактички го поткопува нивното спроведување и не обезбедува ефективна заштита на мешаното светско наследство“, се вели во реакцијата.
Охрид СОС: Властите не знаат како се чува и како се управува со светско културно наследство
Дополнително, како што велат, пропуштено е да се воведат посебни одредби за надомест на штета предизвикана од „штетни проекти“.
„Нема ниту механизми за санација или реституција на нарушеното природно и културно наследство. Отсуството на вакви одредби значително ја ослабува ефективноста на законот и не обезбедува целосна заштита на исклучителната универзална вредност. Во нацрт-законот целосно се игнорираат веќе издадени или одобрени документи, проекти и планови. Како резултат, пропушта да воведе механизам за нивна ревизија и повторна оценка, со што се остава можност за правни несогласувања, недоследности во управувањето со наследството и потенцијално поголема штета врз природното и културното наследство. Ревизијата на овие документи е неопходна“, стои во реакцијата на Охрид СОС, кои на 30 страници ги навеле сите недостатоци и слабости и ги испратиле до ресорното министерство.
„Сметаме дека без радикално реструктурирање на клучните одредби, сегашните пречки за ефикасно управување ќе останат непремостливи, а деградацијата на регионот ќе продолжи со несмалено темпо. Со овој чин, ние не само што укажуваме на пропустите, туку нудиме и конкретна алтернатива која наместо парцијални интереси, во фокусот ги става долгорочниот интегритет и вистинската заштита на природното и културното наследство на Охридскиот Регион“, дополнуваат оттаму.
Владата покажа грижа за Охрид во Париз, а на терен виреат дивоградби и неисполнети обврски


