Владата покажа грижа за Охрид во Париз, а на терен виреат дивоградби и неисполнети обврски
Делегација на македонската Влада вчера престојуваше во работна посета на Париз, каде што оствари средби со високи претставници на УНЕСКО и притоа покажа подготвеност за заштита на Охридскиот Регион, а истовремено екоактивистите велат – „доста е од декларативни заложби“.
Препорачано
Според иницијативата Охрид СОС, иако македонските институции преку своите соопштенија деновиве уверуваат дека се воспоставува функционален систем за да се зачува интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион како светско наследство, фактите зборуваат спротивно.
„Препораките на Реактивните мониторинг мисии и Комитетот за светско наследство сѐ уште чекаат на спроведување, или се реализираат делумно. Исполнувањето на голем дел од нив само се пролонгира со години. Некои и воопшто не се исполнија“, реагира Охрид СОС.
Оттаму нагласуваат, јазот меѓу најавите и конкретните акции на терен е сѐ поочигледен.
„Наместо одлагања и декларативни заложби, неопходно е итно, целосно и навремено спроведување на препораките, во рамки на јасно утврдените рокови. Само со реални дела, а не со зборови, може да се обезбеди вистинска заштита на природното и културно наследство на Охридскиот Регион“, стои во реакцијата.
Она што го зборуваат екоактивистите, со бројки неодамна го потврди и Државниот завод за ревизија. Во Охрид угостители работат без дозволи, додека во туристичката атракција заштитена од УНЕСКО врие од дивоградби.
„За објектите што не ги исполнуваат условите за легализација, издадени се 4.847 решенија за одбивање, но тие не се отстранети, иако во периодот 2019–2024 година биле издадени 456 правосилни решенија за нелегална градба, особено во и околу Националниот парк ‘Галичица’“, покажа ревизорскиот извештај.
По извештајот, Обвинителството отвори предистрага за дел од случаите. Истовремено, Општина Охрид обвини дека од медиумите биле објавени „неточни и погрешно интерпретирани информации, кои предизвикале дезинформации и конфузија во јавноста“.
Од Владата сега стигнуваат соопштенија дека средбите со УНЕСКО биле продуктивни, а државата има јасен план за природното и културното наследство.
„За време на средбите беше потврдена определбата на државата за спроведување на преземените обврски за заштита на Охридскиот Регион, како и подготвеноста за продолжување на соработката со Република Албанија во рамки на постојните механизми, со цел обезбедување долгорочна и одржлива заштита на регионот“, напиша на Фејсбук министерот за транспорт и врски, Александар Николовски.
Средбите отвораат прашањата и за идниот статус на најголемото и најстарото македонско езеро, заедно со околината.
Минатата година, УНЕСКО не го стави Охридскиот Регион во листата на светски наследства во опасност и ѝ даде на државата уште една година време да се справи со претераната урбанизација, со девастација на природата и нелегалните градби, иако и тогаш немаше забележлив напредок во заштитата.
Потегот наиде на неодобрување кај јавноста и кај граѓанските организации, кои претходно побараа Комитетот за светско наследство да го впише Охридскиот Регион во оваа листа, со цел уништувањето, а со тоа и акциите на терен – да се сфатат посериозно.
Барањето го потпишаа 17 организации од Македонија, 13 од Албанија, една европска мрежа од 15 организации и девет организации од Хрватска, Србија, Бугарија, Австрија и Обединетото Кралство.


