ФОТО | Охрид се дави во проблеми: угостители работат без дозвола, врие од дивоградби, општината го тужи „Комуналец“
Ревизијата утврдила дека програмските активности од областа на културата во Општина Охрид се реализирале без јавен повик, без објава на веб-страницата на општината и без однапред утврдени јасни критериуми, додека, пак, на спортски клубови и на здруженија кои воопшто не аплицирале на јавен повик им биле доделени околу 608.000 евра, односно 59 отсто од вкупните средства за спорт.
Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за вкупно 20 населени места, не презела конкретни мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја, а јавниот простор се користи со поставување урбана опрема без дозволи и без платени комунални такси. Истовремено, субвенциите за јавните претпријатија во износ од околу 593.000 евра се исплаќале без донесена програма и без претходна согласност од Советот на општината, покажува ревизијата што за 2024 година ја спроведе Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Препорачано
Според конечниот извештај на ДЗР, во дел од населените места се регистрирани изградени објекти за индивидуално домување и хотелски комплекс, за кои не е платен надоместок за уредување на градежното земјиште и не се издадени одобренија за градење.
„Охридски комуналец“ и „Билјанини извори“ не плаќаат со години
Ревизорите утврдиле и дека Општина Охрид не ги евидентирала побарувањата за одржување на јавната чистота, а ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќа овие средства во општинскиот буџет. Само за 2024 година, претпријатието прикажало обврски од околу 372.000 евра, додека општината има поднесено тужби за неплатени средства за 2021, 2022 и 2023 година во вкупен износ од околу 875.000 евра.
Дополнително, не се прикажани ниту побарувања за комунална такса за користење паркинг-простор. ЈП „Билјанини извори“, кое управува со паркиралиштата во Охрид, со години не ја уплатувало оваа такса, а според сопствената евиденција должи околу 63.000 евра.
Данокот на имот не се наплатува како што треба
Во извештајот се наведува дека без одлука на Советот биле отпишани побарувања од буџетски корисници во износ од околу 8.700 евра за комунални трошоци од периодот 2017–2020 година. Покрај тоа, отпишани се и околу 78.500 евра како претплатни салда, за кои не постои соодветна документација и кои се однесуваат на повеќе физички и правни лица.
Ревизијата покажала дека данокот на имот не се наплатува доследно – граѓани, кои стекнале нов или дополнителен имот, не биле задолжени, а за задоцнетите плаќања не се пресметувала ниту, пак, наплатувала камата.
Надоместокот за уредување на градежното земјиште, пак, се пресметува врз основа на застарени одлуки од 1997, 1999 и 2011 година, со неизменети зони и вредности, што директно влијае врз приходите на општината.
Дивоградбите не се отстрануваат
Во постапките за легализација на бесправно изградени објекти не се почитуваат роковите, а не се следи ни наплатата на надоместоците. Иако Советот донел 1.748 одлуки за изработка на урбанистичка документација, во рок од пет години не е постапено по нив.

За објектите што не ги исполнуваат условите за легализација, издадени се 4.847 решенија за одбивање, но тие не се отстранети, иако во периодот 2019–2024 година биле издадени 456 правосилни решенија за нелегална градба, особено во и околу Националниот парк „Галичица“.
Угостители работат без дозвола
Ревизијата утврдила и дека не постои урбанистички план за крајбрежниот појас од 50 метри околу Охридското Езеро, а за Програмата за урбана опрема за 2024 година не е обезбедена согласност од Управата за заштита на културното наследство.
Во текот на 2024 година, 23 угостителски објекти користеле јавна површина без дозволи, без платена комунална такса, а дозволите што важеле три месеци биле користени цела година.

Поставената урбана опрема не е лесно демонтажна и ја нарушува безбедноста и намената на јавниот простор.
Општината не им наплаќа комунална такса на автокамповите
Општината не остварувала приходи ниту од комунална такса за кампови и шатори, иако на нејзина територија се регистрирани шест автокампови.
Во делот на експропријацијата во КО Велгошти, вредноста на одземеното земјиште изнесува околу 54.000 евра, а понудениот надомест е проценет на околу 43.000 евра, а за разликата од околу 11.000 евра постапката сè уште е во тек.
Поради близината до крајбрежјето, Државното правобранителство укажало на можни прекршувања на Законот за води.
Ревизорите утврдиле и дека за капитални инвестиции во водовод, канализација, атмосферска мрежа и доградба на општинската зграда не е запишано правото на сопственост, иако објектите се користат со години. Дополнително, за инфраструктурни проекти од втора категорија, во 2024 година биле исплатени околу 804.000 евра, без соодветни одобренија и проектна документација.
Во заклучокот, ДЗР наведува дека поради сите утврдени неправилности е изразено мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Општина Охрид за 2024 година.
Нема јавни повици, пари добиваат спортски клубови што не аплицирале
Ревизијата дополнително утврдила дека програмските активности од областа на културата се реализирале без јавен повик, без објава на веб-страницата на општината и без однапред утврдени јасни критериуми, додека, пак, на спортски клубови и на здруженија кои воопшто не аплицирале на јавен повик им биле доделени околу 608.000 евра, односно 59 проценти од вкупните средства за спорт.
Исто така, општината исплатила субвенции за јавните претпријатија за сервисирање на доспеани обврски, тековни трошоци и инвестиции по некомплетна документација, без донесена програма и без претходна согласност од Советот, при што ревизорите укажуваат и на сериозни слабости во материјалната и во сметководствената евиденција, ненавремено евидентирање на обврските и неправилно спроведен попис.
Во заклучокот од извештајот, Државниот завод за ревизија наведува дека покрај мислењето со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2024 година, е изразено и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива.


