Општина Липково Фото: Куманоњуз

Во Липково не се знае кој пие, а кој плаќа – даноци не се наплаќаат, улици се градат без дозвола, водоводот не функционира

Ревизорскиот извештај за Општина Липково открива сериозни прекршувања на законите, меѓу кои и незаконски исплати по договор за дело и доделување илјадници евра на здруженија без јасни критериуми. Дополнително, утврдено е дека се исплатени средства за театарски седишта во Домот на културата во Матејче, кои во периодот на фактурирање воопшто не биле поставени, туку биле монтирани дури во декември 2024 година.

Општина Липково не наплатувала даноци во милионски износи, оставила три села без вода и градела улици без никаква документација, додека исплаќала пари за работи што воопшто не биле изведени. Државниот завод за ревизија ја оцени општината со неповолно мислење и утврди масовно прекршување на законите во 2024 година.

Ревизорите утврдиле дека општината не ги почитувала правилата за сметководство, не водела книги по сметки, не подготвувала основни извештаи и не ги затворала деловните книги на крајот на годината.

„Општината не обезбедила доследно почитување на одредбите од Законот за сметководството на буџетите и буџетските корисници за водење на деловните книги. Обврската за подготвување на основни финансиски извештаи за секоја сметка не е имплементирана, односно подготвен е консолидиран финансиски извештај, а деловните книги не се заклучени на крајот на годината,“ соопшти ДЗР.

Дополнително, наведуваат од ДЗР, постои неусогласеност на билансните позиции и недоволна евиденција на постојани средства, а општината дури и не водела книга на капитален имот.

Пописот на средствата и обврските, исто така, не бил извршен на начин предвиден во законот.

Општината не наплаќала данок на имот во милионски суми

Ревизорите откриле неусогласеност помеѓу даночната и сметководствената евиденција.

„Утврдена е неусогласеност помеѓу даночната и сметководствената евиденција, како и неевидентирани побарувања од 12.500.000 денари, по основ на данок на промет, наследство и подарок, надоместок за уредување на градежно земјиште, надоместок за легализација на бесправно изградени објекти и за давање под закуп на простории. За дел од побарувањата кои потекнуваат од минати години за кои постои голема неизвесност за нивна наплата, не е извршено вредносно усогласување,“ се вели во извештајот на ДЗР.

За данок на имот, општината имала побарувања од 1,19 милиони евра, но не презела мерки за присилна наплата, ниту пресметувала камата за задоцнети плаќања.

Немало регистар на недвижен имот, ниту пресметана пазарна вредност. Па така, се наведува во извештајот, 922 обврзници (18 отсто) плаќаат под 200 денари годишен данок на имот, а воопшто не се задолжени лица што стекнале нов имот.

Угостителството без дозвола, општинското комунално претпријатие работи без договор

Општината неосновано ослободувала од плаќање на надоместок, не носела заклучоци за прекин на постапката и не ги доставувала барањата до Министерството, стои во извештајот.

На јавни површини пред деловни објекти се поставувала урбана опрема и се вршела угостителска дејност без дозвола. Не се наплаќала комунална такса и не е вршен инспекциски надзор.

Општината, исто така, нема донесено одлука за регулирање на јавната чистота и висината на надоместокот, па нема приходи од оваа работа.

Јавното комунално претпријатие „Пиша“, формирано во 2023 година, работи без договор со општината и без пренесени надлежности за водоснабдување.

„На територијата на Општина Липково, просторот пред деловен простор на јавно прометни површини се користи, без одобрение за поставување на урбана опрема и вршење на угостителска дејност надвор од деловниот објект. Не се наплаќа комунална такса и не е извршен инспекциски надзор на поставената урбана опрема. Општината нема донесено одлука со која се регулира одржувањето на јавната чистота на јавните површини и висината на надоместокот за одржување на јавната чистота, поради што не се остваруваат приходи по овој основ. Собирањето и транспортирањето на комуналниот отпад и одржувањето на јавната чистота е во надлежност на ЈКП ‘Пиша’, формирано во 2023 година, без склучен договор со општината и без пренесено право на стопанисување со водоснабдителниот систем,“ известува ДЗР.

Три села без водовод, систем вреден над 4 милиони евра не функционира

Ревизорите предупредуваат дека три од 11 населени места сè уште немаат водоводна мрежа ниту приклучоци. Тоа значи дека државата вложила околу 4,32 милиони евра, во систем кој не функционира и не испорачува вода.

Во извештајот се додава дека во 2024 година биле исплатени околу 170.000 евра за поставување бекатонски плочки на улици, тротоари и јавни површини. Работата била изведена со граѓаните: општината давала материјал, тие работеле.

Но, ревизорите утврдиле дека улиците не се во планската документација и дека нема проекти за нивната изградба, ниту, пак, одобренија за градење, што е спротивно на Законот за градење.

Исплати за договорци и донации без критериуми

Општината исплатила околу 23.430 евра за лица ангажирани по договор за дело, кои извршувале редовни работни задачи, што не е дозволено, а на здруженија, фондации, спортски клубови и на невладини организации се доделени околу 34.340 евра, без прецизни критериуми за избор.

Една од најсериозните забелешки се однесува на фактурирани, но неизведени работи во Домот на културата во Матејче.

Исплатени се околу 28.630 евра за набавка, транспорт и монтажа на театарски седишта, но тие воопшто не биле поставени во август и септември, за кога била фактурирана работата, туку дури во декември 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот