Охридско Езеро
Охридско Езеро / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Охрид СОС: Властите не знаат како се чува и како се управува со светско културно наследство

Дали од УНЕСКО почнаа да го разгледуваат Извештајот за Охрид, неодамна пристигнат во Париз? Извештајот беше изготвен заеднички од македонска и албанска страна, регуларно пратен до предвидениот рок, 1 февруари.

Но, што напишале страните не е познато за јавноста. Кога ги побаравме од Министерството за животна средина, ни рекоа дека во оваа фаза не даваат никаков коментар на оваа тема. Сличен одговор добивме и од Министерството за култура, од каде се оградија дека не се единствени во приказната, па не би сакале да дискутираат. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, пак, категорично не одби со фразата „не давам никаква изјава до 10 февруари“.

За тогаш, како што вели Пецаков, е предвидено висока државна делегација да се сретне со директорот на УНЕСКО.

Во меѓувреме останува граѓаните да се прашуваат што се направи за спас на балканскиот бисер и дали нашето светско културно наследство е во опасност?

Охрид СОС/ фото: Фејсбук

„Охрид не е градежна парцела, туку светско наследство, но властите не разбираат што значи да се управува и чува светско наследство“, велат за „Слободен печат“ од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.

-Изминаа три години од изработката на Стратегискиот план за рехабилитација, кој власта се сети дека постои дури кога требаше да го подготви извештајот. Стана трагикомично да се гледаат официјални лица како се бламираат со изјави за спас на Охридскиот Регион. Затоа, не очекуваме ништо што веќе не сме виделе: извештаи, предупредувања и секако нов рок за властите да можат непречено да продолжат со масакрирањето на нашето природно и културно богатство за лични интереси. Во континуитет, властите, како на државно така и на локално ниво покажаа дека ниту разбираат што значи да се управува и чува светско наследство, ниту пак се свесни за обврските што постојано ги преземаат со тоа што од петни жили се трудат Охридскиот Регион да не биде ставен на листата загрозено светско наследство. Секој нов рок го користат да протуркаат што повеќе штетни проекти. Како светот да завршува токму со нив – се вели во одговорот на Охрид СОС.

Според нив, боли тоа што Охридскиот регион е управуван како градежна парцела, а не како културно наследство.

-Она што се случува во Охридскиот регион не е криза, туку состојба – стабилна, планирана и толерирана со години. Денес регионот е управуван како обична градежна парцела, а не како светско наследство, со институции што формално го „известуваат“ УНЕСКО, додека на терен се прави спротивното. Деновиве сведочиме повторно исти тактики: засукуваат ракави, се формира нов координативен штаб, се носат нови одлуки, што во суштина не значи ништо – велат тие.

Охридско Езеро
Охридско Езеро / EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Статутот на заштита  како туристичка промоција

Од Охрид СОС се скептични за тоа дека состојбата ќе се подобри и старвуваат дека се работи за еден долгогодишен вртлог на институционални интереси.

-Ставањето на Охридскиот Регион на листата на Светско наследство во опасност би бил само првиот чекор кон забавување на рапидното уништување. Ако Комитетот за светско наследство на УНЕСКО повторно донесе политичка одлука да не реагира суштински, тогаш треба јасно да се каже дека статусот на заштита служи само за туристичка промоција, не и за реална заштита. Решението е јасно, треба да се преземат болни и непријатни чекори: стопирање на неконтролираното градење, поништување незаконски дозволи, рушење на дивоградбите, спроведување на законите и одговорност за оние што со години ја експлоатираат „исклучителната универзална вредност“ за лична корист – велат од Охрид SOS.

Помина 1 февруари, сега што?

-По 1 февруари клучното прашање не е што ќе „каже“ УНЕСКО, туку дали конечно ќе побара проверлива имплементација: дали се стопира градењето, дали се поништени конкретни дозволи спротивни на стратегискиот план за управување, дали е спроведена стратешка оцена на влијанието врз животната средина и дали има санкции за институциите што со години известуваат лажно. Ако и овој пат реакцијата се сведе на нов рок и нов извештај, тогаш е јасно дека системот на заштита е сведен на формалност, а уништувањето е институционално одобрено. Според нас, решението е едноставно, но политички непријатно: целосен мораториум на градење, ревизија на сите дозволи и одлуки кои се спротивни на управувачките документи и јавна, независна контрола на нивното спроведување – без нови стратегии, без изговори и без одложување – сметаат од Охрид SOS .

Следната сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО е во јуни во Јужна Кореја, кога ќе го добиеме одговорот за статусот на Охридското езеро и Охридскиот регион.

Хотелите и зградите изградени на диво во Охрид под лупа: Обвинителството отвори предмет по извештајот на Ревизија

Левица: Во Охрид има 4.847 дивоградби кои власта не ги урива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот