„Ќе го земеме мандатот и веднаш ќе го вратиме“ – Борисов најавува нова политичка криза во Бугарија
Бојко Борисов најави дека ГЕРБ-СДС ќе го преземе, но веднаш ќе го врати мандатот за формирање влада, предупредувајќи дека политичката криза ќе се продлабочи. Според него, во Бугарија нема политички субјекти со кои може да се постигне стабилен договор, а претстојните избори ќе бидат клучни за излез од повеќегодишниот институционален ќорсокак.
Со предупредување дека Бугарија влегува во уште подлабока институционална и политичка нестабилност, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, соопшти дека неговата коалиција ќе го преземе, но веднаш ќе го врати мандатот за формирање нова влада, објави „Ројтерс“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Според него, отсуството на политичка класа способна за договор ќе го продлабочи хаосот и меѓупартиската нетрпеливост.
„Ќе го земеме и ќе го вратиме мандатот. Но, морам да предупредам – хаосот ќе биде уште поголем, а омразата меѓу партиите ќе продолжи да расте, бидејќи нема со кого да се постигне договор“, изјави Борисов во директно вклучување на неговиот Фејсбук-профил од Враца, пренесува БТА.
Претходно, од кабинетот на бугарскиот претседател Румен Радев информираа дека во понеделник, на 12 јануари, тој ќе му го врачи мандатот за состав на влада на кандидатот за премиер предложен од најголемата парламентарна група во 51-то Народно собрание – ГЕРБ-СДС.
Борисов ја оцени власта во изминатите 11 месеци како најуспешна во последните децении.
Тој потсети дека, и покрај честите изборни циклуси, било формирано, како што рече, „апсурдна малцинска коалиција“ која, според него, остварила клучни геостратешки цели.
„Резултатите се јасни – Бугарија е полноправна членка на Шенген, а ниту една друга европска држава не успеа на законски начин да ја запре нелегалната миграција како што тоа го направи Бугарија“, истакна лидерот на ГЕРБ.
Тој го нагласи и процесот на влез на земјата во Еврозоната, изразувајќи благодарност до граѓаните, институциите и бизнис-секторот за поддршката.
Според неговите зборови, државниот буџет за 2025 година предвидува приходи повисоки за 13,9 милијарди лева во однос на 2024 година.
„На овие избори сме сами против сите. Мора да постигнеме резултат со кој државата нема повторно да западне во хаосот во кој се наоѓа веќе четири години“, рече Борисов, нагласувајќи дека во периодот што следи е неопходна целосна мобилизација пред претстојните избори.


