Кипровски е во подем на Островот

Македонскиот автомобилист настапува во Форд фокус купот/Фото: Автомобилизам спорт

Неодамнешната победа на втората трка на патеката Крофт во Форд фокус купот за нашиот автомобилист Бранко Кипровски е засега најголем успех во Британија. Кипровски е македонски пионер во овој спорт на Островот, таму е неколку години, настапувал на познатите патеки Силверстон, Берндс Хач, Донингтон…

Македонскиот автомобилист Бранко Кипровски –Кипро (39) од 2017 година го пробива својот натпреварувачки пат во Велика Битанија, земја во која авто-спортот е на највисоко ниво. Кипровски, кој сега настапува во Форд фокус купот, сезонава го забележа својот најголем успех откако е во Британија, победи на трката во Крофт и со тоа го подигна својот перформанс на повисоко ниво. Мотивот на Кипро во настапите на Островот е да ја покаже својата вредност како возач, но и да го промовира македонскиот автомобилизам и нашата замја.

– Најголемиот успех досега во Британија ми е неодамнешната победа на трката на патеката Крофт. Имав доминантно темпо и шест секунди разлика од вториот. Последниот круг го извозев внимателно и завршив со три секунди разлика. Посебно знаечење има моментот што на четврта позиција заврши Марк Проктор поранешен натпреварувач во престижното БТЦЦ првенство, кој по трката ми честита и ми предвиде големи успеси. Останатите возачи не криеа дека се импресионирани – вели со гордост Кипровски кој го објаснува првенството во кое сезонава учествува.

Негов тим е Пурпл дот, чиј сопственик е менаџерот и тренерот Тим Сагден/Фото: Автомобилизам спорт

– Годинава настапувам во Форд фокус купот, кој е сопственик на сите 24 возила и ги подготвува со сопствени механичари. Возачите само возат и можат да побараат свое прилагодување (сетап). До израз може да дојде само подготвноста на возачот. На секоја трка гостуваат возачи од престижни натпреварувања, покрај оние што возат цел шампионат.

Во моментот имам конкуренти од едноседи, гт4, рели-крос, БТЦЦ, мини чаленџ, џинета… Во моментот сум на дванаесеттата позиција во шампионатот, првите две трки на Донингтон и Силверстон имав одлично темпо, но за жал инциденти ме одвоија од пласман за подиум и бодови – вели Кипро. Тој има свој тим.

Во 2019 година го развеа македонското знаме на подиум на легендарната патека Бренд Хач/Фото: Автомобилизам спорт

– Мојот тим во моментот е Пурпл дот, чиј сопственик е мојот менаџер и тренер Тим Сагден, кој неуморно помага пред секоја трка. Располагам и со онлајн ментор, Рене Робертсон. Настапувам со македонска лиценца, но со никаква поддршка од Македонија. Сите се информирани, сите барања и планови поднесени на време, но постојано сум игнориран. Од Автомобилистичката федерација требаше да се пофалат дека Македонец победил во Англија, но ако го направат тоа ќе треба следната година да ме поддржат финансиски, а тоа е веќе разработено со неколку нивни клубови и возачи кои бесрамно си ги задоволуваат приватните потреби со буџетот на федерацијата… – објаснува Кипро, кој имал тежок почеток во Британија.

„Крајна цел ми е да учествувам на БТЦЦ Британскиот туринг шампионат“/Фото: Автомобилизам спорт

– Во 2017 дојдов во Лондон за да најдам начин да почнам со натпревари, имав тестирања, но буџетот беше нула. Веќе испишав историја, прв Македонец сум што настапил на најголемите патеки во Обединетото Кралство, Силверстон, Брендс Хач, Донингтон, Олтон парк, Кадвел парк, Кастел комб… Прв Македонец сум што победил во оваа средина – вели Кипро, кој со посебни емоции се потсетува на еден друг момент.

– Во 2019 го развеав македонското знаме на подиум на легендарната патека Бренд Хач за најбрз круг на трката. Возев незагрозен на третата позиција, немав среќа да завршам на подиум заради контакт со бариери и завршив четврти – вели Бранко, чија амбиција за во иднина е јасно дефинирана.

– Крајна цел ми е да учествувам на БТЦЦ Британскиот туринг шампионат. Се отвараат многу врати, ме контактираат тимови за различни купови како БМВ компакт куп, Мини Чаленџ, Хонда цивик куп и ТЦР. Има големи можности да се приклучиме на некои од овие натпревари. Се повеќе има интерес за мене, многумина ја сакаат мојата луда приказна овде, ми приоѓаат и нудат соработка. Кога човек работи вредно кон некоја јасна цел, успева. Јас не запирам и покрај преголемите препреки и искушенија во секој сегмент од животот – вели Кипро.

Кипро настапува со македонска лиценца, но со никаква поддршка од Македонија/Фото: Автомобилизам спорт

Тој почна во Македонија во 2001 година, а меѓу другото, шампион е на ридски патеки во 2011 и во 2013 година.

Ќерките најголеми поддржувачи

– Моите најголеми подржувачи се моите ќерки Матеа и Леона, кои секогаш се инспирација за подобро и за побрзо. Веќе се горди затоа што со победата на Крофт ставивме печат на четиригодишна макотрпна работа и го поставивме македонскиот мотоспорт на место каде што секој следен Македонец кога ќе пристигне во Британија ќе се гледа со почит. Широко отворени врати за младите таленти. Многу луѓе за жал не мислат за ова во Македонија, но јас не го заборавам во ниеден момент. Младите се нашата иднина и наша обврска е да обезбедиме терен за нив – вели Бранко.

Видео на денот