Ким Кардашијан станува продуцентка на Бродвеј – претставата се занимава со кривично право
Ким Кардашијан доби улога на продуцентка во претставата „Стравот од 13“ (The Fear of 13) на Бродвеј, која го обработува кривичното правосудство, пренесува „Пипл“.
Препорачано
Ријалити ѕвездата и претприемачка се приклучи на тимот продуценти на претставата „Стравот од 13“, која се темели на вистинската приказна на Ник Јарис, човек кој поминал повеќе од две децении на одделот за осудени на смртна казна поради убиство за кое тврди дека не го сторил.
„Мојата посветеност на реформата на кривичното правосудство отсекогаш била повеќе од самите политики – станува збор за луѓето. Научив дека понекогаш најефикасниот начин да се промени нечие мислење е силна приказна. ‘Стравот од 13’ е токму таква приказна“, изјави Кардашијан.
Кардашијан во последните години ја искористи својата популарност за да го сврти вниманието кон луѓе кои тврдат дека се неправедно осудени. Таа ја посетуваше Белата куќа и за време на мандатот на претседателот Доналд Трамп и за време на мандатот на претседателот Џо Бајден, лобирајќи за реформа на кривичното правосудство и користење на претседателските овластувања за помилување.
Кардашијан лобираше Трамп да ја преиначи доживотната затворска казна на Алис Мари Џонсон, која поминала повеќе од 20 години во затвор поради кривични дела поврзани со дрога. Џонсон беше ослободена во јуни 2018 година, а во август 2020 година Трамп ѝ додели и целосно помилување со што ѝ беа вратени граѓанските права.
Претставата „Стравот од 13“, напишана од Линдзи Ферентино, во главните улоги ги носи Едриен Броди и Теса Томпсон, додека режијата ја потпишува добитникот на наградата Тони, Дејвид Кромер. Свеченото отворање е закажано за среда.


