Црвено вино / Фото: Pexels

Кардиолог тврди: Овие седум работи никогаш не би ги направил по 19 часот!

По 20 години работа со пациенти кои имаат болести на срцето, затнати артерии и метаболички нарушувања, кардиологот д-р Санџај Боџрај забележал дека важна улога во здравјето на срцето имаат и навиките по работниот ден. Тој објаснува дека болестите на срцето се развиваат со текот на годините, а на нив влијае крвниот притисок, воспалението, нивото на шеќер и квалитетот на сонот, пишува Си-ен-би-си.

Вечерната рутина е таа што може да одреди дали телото ќе се опорави или ќе остане во состојба на стрес. Затоа кардиологот истакнува дека свесно избегнува одредени навики по 19 часот, кои можат негативно да влијаат на здравјето на срцето.

Доцна вечера

Доктор Боџрај објаснува дека метаболизмот го следи циркадијалниот ритам, па затоа телото навечер е помалку ефикасно во преработката на шеќерот и мастите.

„Во вечерните часови, чувствителноста на инсулин се намалува“, објаснува докторот за Си-ен-би-си.

Доцните оброци се поврзани со повисоки нивоа на шеќер во крвта по јадење и интензивирани воспаленија. Тој додава дека на варењето навечер може да му пречат процесите на закрепнување кои се важни за здравјето на крвните садови.

Силно осветлување и ладна светлина

Според неговите зборови, изложеноста на силна светлина навечер може да го наруши лачењето на мелатонин.

„Мелатонинот игра важна улога во регулирањето на сонот и крвниот притисок“, нагласува тој.

Таквото осветлување може да влијае и на здравјето на срцето бидејќи ги нарушува природните ноќни процеси на телото. Затоа препорачува потопли и поблаги извори на светлина во вечерните часови.

Стресна содржина на телевизија

Д-р Боџрај предупредува дека телото не го разликува вистинскиот стрес од она што е на екранот.

„Вашиот нервен систем не знае дека е само емисија“, вели тој.

Таквата содржина може да го зголеми срцевиот ритам и крвниот притисок. Тој додава дека стресот, дури и краткотрајниот, може негативно да влијае на крвните садови и здравјето на срцето.

Интензивно вежбање доцна навечер

Иако нагласува дека вежбањето е важно, тој истакнува дека времето на тренинг игра голема улога.

„Интензивните тренинзи доцна навечер можат да го одложат сонот“, објаснува докторот.

Таквата активност може да го држи телото во состојба на стрес и да го зголеми бројот на отчукувања на срцето во текот на ноќта. Тоа може да го намали квалитетот на закрепнувањето, што е клучно за здравјето на срцето.

Алкохол навечер

Доктор Боџрај предупредува дека алкохолот може да делува релаксирачки, но всушност има спротивен ефект.

„Алкохолот ја нарушува структурата на сонот и ја намалува РЕМ фазата“, истакнува тој.

Исто така, може да го зголеми бројот на отчукувања на срцето и да влијае на крвниот притисок. Долгорочно, ваквите промени можат да го зголемат ризикот за здравјето на срцето.

Емоционално напнати разговори

Тој нагласува дека и емоциите исто така имаат силно влијание врз телото.

„Стресот и лутината можат да имаат вистински последици за срцето“, вели тој.

Ваквите разговори можат да го зголемат нивото на хормоните на стрес и да го оптоварат организмот. Поради тоа советува да не се дискутираат тешки теми непосредно пред спиење.

Премногу време пред екраните

На крајот, тој предупредува за влијанието на екраните како што се мобилните телефони и телевизорите.

„Сината светлина го одложува лачењето на мелатонин. Ова може да доведе до лош сон и подоцнежно заспивање. Долгорочниот нарушен сон може да го зголеми ризикот од висок крвен притисок и други проблеми со срцето“, заклучил тој.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот