Фото: EPA/WILL OLIVER

Канадски сноубордер има приказна како за на филм – од олимпиец до голем наркобос

Поранешниот канадски олимписки сноубордер Рајан Џејмс Вединг денес се наоѓа на листата на десетте најбарани бегалци на ФБИ, а неговата животна приказна претставува шокантен пресврт од врвниот спорт до врвот на меѓународното криминално подземје.

Вединг настапи на Зимските олимписки игри во Солт Лејк Сити во 2002 година, каде што се натпреваруваше во паралелен велеслалом и го освои 24. место. Роден на 14 септември 1981 година, тој припаѓаше на генерацијата спортисти кои ја искористија професионализацијата на сноубордингот, но неговиот животен пат набрзо тргна во сосема поинаква насока.

Фото: Screeenshot

Според американските, канадските и мексиканските власти, веднаш по Олимписките игри Вединг почнал да се поврзува со активности поврзани со трговија со дрога. Во 2006 година бил приведен во полициска рација поради одгледување марихуана, но без подоцнежна пресуда. Првиот сериозен судир со законот се случил во 2008 година, кога бил уапсен во Сан Диего при обид за купување кокаин во полициска заседа. Две години подоцна, во САД бил осуден за заговор за дистрибуција на кокаин и добил четиригодишна затворска казна која не ја отслужил целосно.

По излегувањето на слобода, Вединг започнал брз подем во хиерархијата на меѓународните нарко-мрежи, со текот на времето станувајќи една од клучните фигури во организација со врски во Мексико, САД и Канада. Американското Министерство за правда на 6 март 2025 година го означи како наводен лидер на мрежа поврзана со картелот Синалоа, способна за транспорт на огромни количини кокаин и организирање насилни одмазди.

Фото: Screenshot

Обвиненијата против него вклучуваат заговор за меѓународна трговија со дрога, перење пари и учество во планови за ликвидација на федерални сведоци, по што ФБИ го стави на листата на најбарани бегалци и понуди награда до 15 милиони долари за информации што би довеле до негово апсење. Властите тврдат дека Вединг, познат и под прекарите „Ел Хефе“ и „Јавен непријател“, организирал повеќе убиства поврзани со дрога.

Истражителите веруваат дека се крие во Мексико, под заштита на наркокартели, а постојат информации дека извршил и естетски зафати за да го промени изгледот. Тој е во бегство уште од 2015 година, кога бил поврзан со увоз на големи количини кокаин во Канада. Според обвинителите, неговата криминална мрежа вредела околу една милијарда долари и се поврзува со најмалку четири убиства во Онтарио.

Фото: EPA/WILL OLIVER

Дополнителен шок предизвика неодамнешното откритие во Мексико, каде што властите запленија луксузна колекција тркачки мотоцикли во сопственост на Вединг, проценета на околу 32 милиони евра. Во една гаража биле пронајдени уникатни мотори на Валентино Роси, Хорхе Лоренцо и Андреа Довициозо,  моторот со кој Марк Маркез стана светски првак во 2012 година, како и Априлијата од 125 кубика со која Роси освои една од своите титули.

Ова откритие го разоткри неговиот вкус за ексклузивен луксуз од светот на МотоГП но во исто време уште еднаш го нагласи неверојатниот контраст меѓу неговото минато како олимписки спортист и сегашноста како еден од најбараните меѓународни криминалци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот