Протест на превозници - камионџии / Фото: ЕПА - Ѓорѓи Личовски

Камионџиите од БиХ најавија нови блокади, македонските транспортери проблемот ќе го решаваат со вадење визи од членки на ЕУ

Возачите на камиони од Босна и Херцеговина најавија нова блокада на граничните премини за товар за 12 март, а српските возачи чекаат исход од разговорите на следниот состанок со претставници на Европската комисија. Македонските транспортери престојот во ЕУ ќе го решаваат со вадење визи од одредени земји членки на ЕУ кои ќе им овозможат да не се бројат деновите додека се во тие држави. Билјана Муратовска, генерална секретарка на „Макам транс“ за „Слободен печат“ вели дека вчера имале состанок со трите надлежни министерства, МНР, МВР и Министерството за транспорт и врски и биле разгледани многу опции. Единствено што е изводливо во моментов е да се водат поединечни разговори со одредени земји членки на ЕУ, возачите да извадат визи од таму и со тоа да не се бројат деновите за престој на возачот во државата од каде што е извадена визата.

– Со визниот режим опфатени се сите членки од Шенген-зоната. Возач од Западен Балкан без виза од одредена држава членка на Шенген без разлика дали е транзит или товар и истовар, деновите му се бројат. Ако има виза, на пример од Германија, а работи со германска фирма, тогаш деновите додека чека утовар и истовар, два, три дена нема да му се бројат, ќе се сметаат само деновите за транзит низ другите држави – вели Муратовска.

Таа објаснува дека ваквиот начин на функционирање треба да им помогне во преодниот период додека не се најде целосно и трајно решение за возачите кои се професионалци.

– Со овој начин на функционирање ќе ја достигнеме бројката од 120 дена за престој во 180 дена, која е оптимална за опстојување на транспортот во земјава. Добивме ветување од надлежните дека ќе се разговара со секоја држава поединечно, а проблемот ќе се решава билатерално. Досега вакви визи имавме со Швајцарија и таму не им се броеја деновите за престој на нашите возачи – вели Муратовска.

Блокадите не го решаваат проблемот

Во меѓувреме возачите на камиони од БиХ најавија нови блокади на граничните премини, а Србите чекаат состанок со Европската комисија. Ова го изјави претседателот на бизнис-здружението „Меѓународен транспорт на Србија“, Неѓо Мандиќ.

„Сè уште не сме донеле никаква одлука во врска со нови протести, чекаме на следниот состанок со претставниците на ЕУ, кој треба да се одржи за околу две недели, но и да се консултира членството. Возачите во Босна и Херцеговина трпат поголем притисок од возачите од Србија, тие враќаат камиони од границата во Хрватска, во неделата дури вратија три автобуси со патници, бидејќи возачите го исполнија дозволениот рок на престој во земјите од Шенгенскиот договор“, изјави Мандиќ за агенцијата Бета.

Европската Унија на почетокот на октомври минатата година воведе пробен систем за автоматска дигитална контрола на влезовите и излезите од земјите членки (ЕЕС). Дотогаш проверките се вршеа со печати во пасошите, кои не беа доследни, што овозможуваше возачите да го надминат дозволеното време во Шенген-зоната.

Професионалните возачи, со статус еднаков на туристи, се ограничени на престој од максимум 90 дена во период од шест месеци во 29 земји членки на Шенгенскиот договор. Од воведувањето на новиот систем започна конфискација на камиони на возачи кои ја исполниле таа квота, а тие се депортирани во своите земји на потекло.

Кон крајот на јануари, возачи од Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора блокираа гранични премини со земјите од Шенген- зоната, протестирајќи против строгиот визен режим. Европската комисија најави можни измени, но досега не понуди конкретно решение.

Хрватска предлага долгорочни визи

На последниот состанок со претставници на ЕУ, Хрватска предложи транспортните компании од Србија, кои имаат договори со фирми од Хрватска или други земји на ЕУ да добијат право за долгорочни визи за своите возачи, изјави Марко Чадеж, претседател на Стопанската комора на Србија, на 33. Копаоник бизнис форум.

-Тоа не е затоа што се сакаме, туку затоа што Хрватска разбира колку дневно губи ако транспортерите ја блокираат границата. Ако превозник од Србија има договор за транспорт на стока, треба да има право за долгорочен престој за возачите – објасни Чадеж за Н1.

ЕУ претходно побара превозниците да отвораат фирми во земјите членки, но сфати дека тоа не е изводливо и дека е потребна посебна регулатива. Исто така, има недостаток на возачи на европскиот пазар, што дополнително ја усложнува ситуацијата.

Логистичкиот конзорциум на Босна и Херцеговина, кој обединува околу 47.000 вработени, испрати барање до претседателот на Советот на министри на БиХ за итно свикување тематска седница. Тие предупредуваат дека примената на правилото за 90/180 дена за професионални возачи сериозно ја загрозува економската стабилност, синџирите на снабдување и околу 20.000 работни места. Конзорциумот предлага итно свикување тематска седница со присуство на надлежните министерства, заеднички разговор меѓу владите на БиХ и Хрватска за оперативно решение и формирање заедничка работна група која ќе предложи краткорочен модел усогласен со ЕУ, а кој ја штити работата на возачите и стабилноста на економските текови.

„Професионалните возачи не се мигранти, туку клучен дел од меѓународните синџири на снабдување. Станува збор за правото на работа и зачувување на економскиот систем“, се наведува во барањето.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот