Камионџиите четврти ден ги блокираат граничните премини
Товарниот сообраќај четврти ден е блокиран поради протестот на транспортните превозници од Западен Балкан кои од понеделникот поставија камиони на граничните премини кон Шенген-зоната барајќи од ЕУ да се измени правилото за електронска евиденција за престој во Шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена. Првичните проценки на коморите се дека штетите од блокадите дневно изнесуваат 100 милиони евра за регионот. Во протестот се вклучени камионските транспортери од државава, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Препорачано
Од Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва на Република Македонија „Макам-транс“, веќе укажаа дека економска оправданост да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила, воопшто не постои. Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи.
И Македонската национална транспортна асоцијација „Бест мобилити – НТА“ укажа дека блокадите на граничните премини се израз на револт на професионалните возачи и барање да се слушне нивниот глас за еднаков третман со возачите од ЕУ, порачувајќи решението да се бара во Брисел.


