Фото: архива

Камионскиот превоз запрен втор ден, блокадата на границите продолжува

Блокадата со камиони на товарниот сообраќај  на граничните премини во државава продолжува и денеска, како дел од заедничкиот протест на македонските и превозниците од Западен Балкан кои бараат решение за проблемите поради електронската евиденција за престој во шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена од април годинава.

Наспроти блокираниот товарен сообраќај на премините кон шенген зоната, кој, според најавите ќе трае најмалку седум дена, патничкиот сообраќај, функционира непречено.

Камионските превозници од државава и нивните колеги од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, сметат дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на тие од ЕУ и бараат да им биде доделен посебен статус и да ги третира како туристи при влез во блокот.

– Поентата не е да ја заглавиме сопствената стопанска активност, туку да покажеме што може да се случи во одреден период. Кога ќе се приклучат и Турција и другите држави, ќе се работи за над милион тони стока што се движи или чека и тоа треба да биде јасен сигнал за сите. Но не можеме со месеци да држиме блокади, ниту сакаме да им нанесеме штета на нашите производители, трговци и на населението. Ако не се најде решение, ќе се бараат други форми на притисок. Ако Европската Унија не може да издржи еден месец ваква состојба, тогаш јасно е дека овие мерки не може да траат подолго – изјави вчера Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници „Макам-транс“ .

Таа потсети дека со секоја држава имаме потпишано билатерални договори во областа на превозот, кои дозволуваат пристап и движење на нивна територија.

Укажа и дека економска оправданост за тоа да се обезбедуваат по двајца возачи кога нема доволно возила воопшто не постои. –  Не е економски оправдано еден возач три месеци да седи дома и да прима минимална плата, додека другиот работи. Тоа не е оправдано ниту од аспект на возачите ниту од аспект на превозниците – рече Муратовска.

Портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи Маркус Ламерт вчера изјави дека ЕК е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан и оти внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот.

Камионскиот превоз целосно запре, камионџиите ги блокираа граничните премини

– Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела, изјави Ламерт.

Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање на нерегуларни практики.

Камионскиот превоз целосно запре, камионџиите ги блокираа граничните премини

– Според Шенген правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани, додаде Ламерт.

Според него, важно е да се напомене дека овие правила не се нови, туку важат со години подеднакво низ целата територија на Шенген зоната, како и дека тие веќе предвидуваат одредена флексибилност во однос на некои категории работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот