Александар николоски / Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Николоски: Блокадата е навремена, земјите членки на Шенген-зоната да изнајдат решение

Ова предупредување доаѓа навреме и сметам дека февруари и март треба максимално да се искористат и земјите членки на Шенген-зоната да изнајдат решение, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, кој на граничниот премин Блаце им даде целосна поддршка на транспортерите, кои заедно со своите колеги од Западен Балкан почнаа седумдневни блокади барајќи решавање на електронската евиденција за престој во Шенген-зоната во согласност со правилото 90/180 дена од април годинава.

– Во принцип, постојат три можни решенија. Првото решение е да се одложи примената на новиот електронски систем за евиденција за превозниците. Второто решение е да се зголеми бројот на денови што превозниците може да ги поминуваат во Шенген-зоната – најмалку на 250 дена, соодветно распределени во циклуси, наместо сегашните 90 дена во 180. Третото решение е професионалните возачи и превозници да не се третираат како туристи, туку како професионалци. Тоа може да се уреди преку посебни правила или преку работни визи, како што моментно тоа го прави Швајцарија, со што би им се овозможил слободен транзит во земјите од Шенген-зоната – изјави Николоски.

Сè спротивно од ова, вели Николоски, ќе има сериозни последици – не само за македонската и регионалната туку и за европската економија.

– Да не заборавиме дека најголемиот дел од странските инвестиции во Македонија, како и во целиот регион, доаѓа токму од земјите членки на Шенген-зоната и Европската Унија. Овде најчесто се произведуваат полупроизводи, кои потоа се извезуваат во земјите од кои доаѓаат инвеститорите, каде што се доработуваат и стануваат финални производи. Да не заборавиме на земјоделските производи, да не заборавиме на транзитот, да не заборавиме на она што го произведува Грција и што се извезува кон север. Да не го заборавиме ниту главниот трговски коридор на Централна и Југоисточна Европа – Коридорот 10, кој претставува економски крвоток на целиот регион. Затоа апелирам и замолувам уште еднаш внимателно да се размисли и да се разгледа ова прашање – истакна Николоски.

Додаде дека веќе разговарал со министерот за транспорт на Грција и ќе направи обиди да разговара и со Бугарија иако таму во моментот има техничка влада, а в среда заминува за Загреб да раговара со својот хрватски колега.

Камионскиот превоз целосно запре, камионџиите ги блокираа граничните премини

– Станува збор за земји што се членки на Шенген-зоната, директни или индиректни соседи, и кои може да извршат дополнителен притисок за изнаоѓање решение – рече Николоски.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот