ЈуБај Швајцарија истражува: За пратка во Македонија треба да платите 130 евра

Испорака на пратки/ Фото: EPA/TANNEN MAURY

Најскапи трошоци за испорака на пратки во Европа имаат Ерменија, Азербејџан и Грузија – просечни 143,74 евра. Студијата ги споредила трошоците за испорака од секаде во светот со сите европски земји, а потоа го пресметала просекот за да открие во кои земји е најскапо да се испорача

Ако сакате да испратите пакет во Македонија тоа во просек ќе ве чини околу 130 евра, покажа најновата студија на ЈуБај Швајцарија (UBuy Switzerland). Ваквите цени ја ставаат нашата земја меѓу поскапите во Европа, односно во друштвото на Исланд, БиХ, Црна Гора и Албанија, кои ги имаат истите трошоци за испорака. Најскапи трошоци за испорака на пратки во Европа имаат Ерменија, Азербејџан и Грузија – просечни 143,74 евра.

Студијата ги споредила трошоците од секаде во светот со сите европски земји, а потоа го пресметала просекот за да открие во кои земји е најскапо да се испорача. Ерменија, Азербејџан и Грузија го делат првото место со просечни 143,74 евра. Со оглед на тоа што трите земји се соседи во регионот на Кавказ, трошоците за испорака се очекува да бидат слични. На второ место се Молдавија, Украина и Белорусија со просечна цена на испорака од 143,56 евра. Србија е единствениот носител на третото место со просечни 129,86 евра.

Подолу на листата, има пет различни земји на четвртото место: Исланд, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија. Во овие земји просечната цена на испорака е 129,50 евра. По оваа петорка е Турција, чија цена се разликува од претходното место за 0,01 евра бидејќи просечната испорака е 120,49 евра. Ова дополнително ја нагласува близината на цените што се очекуваат од соседните земји и севкупните високи трошоци за испорака до регионот на Кавказ и Балканот.

Во вториот дел од топ 10 се западноевропски земји. Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија се во шестата група земји на листата со просечна цена на испорака од 129,46 евра. Гибралтар го зазема седмото место со 129,40 евра, додека Кипар е осми со просечна цена на испорака од 117,42 евра. Последните две места ги заземаат Андора и Малта, со просечна испорака од 114,16 и 113,65 евра соодветно.

– Интересно е да се забележи како повеќето од земјите наведени во првите пет се наоѓаат во Источна Европа и регионот на Јужен Кавказ. Зголемените трошоци за испорака во регионот може да се припишат на различни фактори, вклучувајќи ги геополитичките сложености, инфраструктурните предизвици и царинските прописи. Студијата ја истакнува важноста од разбирање на уникатната динамика на превозот во секоја од овие земји и потребата бизнисите да ги земат предвид овие трошоци при планирањето на нивните операции во овие региони – велат од ЈуБај Швајцарија.

Инаку, од 2021 година поскапеа сите комерцијални пратки кои пристигнуваат од земји кои не се дел од заедничкиот европски пазар, бидејќи за нив се плаќа ДДВ. Имено, Европската Унија го активираше системот ИОСС преку кој се спроведува Посебната постапка за оданочување. Продавачите кои ќе се приклучат на овој систем веднаш ќе го додадат износот на ДДВ на клиентите заедно со цената на нарачката, така што испораката и царинењето ќе бидат поедноставени. При подигање на пакетот ќе се наплаќа само дополнителен надоместок на Поштата или курирската служба, а примачот нема да мора да приложи фактура и да ги помине царинските и даночните процедури. Така на пример, Али Експрес наплатува ДДВ за сите испораки на стоки до клиентите во ЕУ, вклучително и во случаи кога се поевтини од 150 евра, па дури и кога се испраќаат од магацини лоцирани во рамките на ЕУ, и доколку продавачот на стоката има деловно место надвор од ЕУ. Сите продавачи на оваа платформа треба да го наведат својот ИОСС број на увозната декларација според ЕУ, врз основа на што локалната пошта ќе знае дека може да го достави пакетот до купувачот без да наплаќа ДДВ и царина. Една од предностите на новиот систем е фактот што сите пратки преку системот имаат поврзан број за следење, така што примателите ќе можат во секое време да видат каде е нивниот пакет.

Држава

Просечни трошоци (евра)

1 Ерменија/ Азербејџан/ Грузија 143.74
2 Молдавија/ Украина/ Белорусија 143.56
3

Србија

129.86
4 Исланд/ Северна Македонија/ Босна и Херцеговина/ Црна Гора/ Албанија 129.50
5 Турција 129.49
6 Лихтенштајн/ Норвешка/ Швајцарија 129.46
7 Гибралтар 129.40
8 Кипар 117.42
9 Андора 114.16
10 Малта 113.65

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот