Јовановски му возврати на Матијашевиќ: Вие сакавте да отстраните играч од репрезентацијата

Фото: facebook.com/volleyballmkd

– Со сите услови за подготовка, дали успех се двата порази од Данска на домашен терен и среброто во Европската лига? – првиот човек на македонската одбојка контра Матијашевиќ.

Во текот на вчерашниот ден екс селекторот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Матијашевиќ го изрази своето незадоволство до првите луѓе на македонската одбојка откривајќи ги главните причини за неговото заминување.

Како што истакна во своето обраќање Матијашевиќ истакна дека во мај, за време на подготовките за Европската лига имало обид да го сменат од страна на репрезентативниот доктор Петровски и Филип Деспотовски.

Вели дека станало тешко да се работи затоа што претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија, Петар Јовановски често му кажувал кој треба да игра, во овој случај Деспотовски морал да игра повеќе.

фото: Слободен Печат/Драган Митрески

Јовановски му возврати на Матијашевиќ со свое обраќање пред јавноста велејќи дека Матијашевиќ изнесува невистини:

– Почитуван поранешен селекторе, ќе се обидам да го задржам своето ниво и да Ви дадам одговор на сето она што го напишавте, а со тоа што го изнесовте во јавноста продолживте да манипулирате и да изнесувате невистини.

Најпрво, да се вратиме на првиот настап за пласман на Европското првенство 2019. Се мачевме со репрезентации со реално послаб квалитет од нашиот, репрезентации коишто редовно сме ги победувале и пред Вие да бидете селектор!

Чекавме да се поклопат резултати од други групи за ние да се пласираме. Објективно, пласманот требаше да биде многу поубедлив и сами да го обезбедиме!!! Сепак, за постигнатиот успех ја имавте целосната поддршка од мене и од целата Федерација. Да ги споменеме и квалификациите во јануари годинава. Од само Вам познати причини, сакавте да отстраните играч од репрезентацијата без никакво објаснување и почнавте да не делите и да не раздвојувате во нашиот најсилен сегмент, а тоа беше единството во репрезентацијата. Да, по многу часови разговор и убедување, успеавме да го задржиме и да го вратиме играчот. Тоа не беше само мое лично мислење, туку тоа беше став на Федерацијата, а Вие продолживте да ги играте своите игри.

Да потсетам дека загубивме сет од Босна и Херцеговина и ја победивме на мускули, а без да навредувам никого, таа селекција е на пониско ниво од нас. Зошто не ја информиравте јавноста дека ве повикав Вас и играчите по првите два натпревара на турнирот и Ви соопштив дека доколку не ја направите промената, ќе бидете сменет од селекторската позиција, а дека одговорноста ќе ја преземам јас во случај на неуспех?!

Фото: vfmkd.mk

Вие ја направивте промената и се пласиравме на Европско! Потоа повторно ги ставивме темните очила и ја продолживме соработката. Но дали за Вас се успех двата порази од Данска на домашен терен и сребрениот медал во Европската лига со сите обезбедени услови за подготовка, со комплетно Ваш стручен тим, со групни натпревари и со завршен турнир на домашен терен, со подмладена Данска која претходно редовно сме ја победувале???

Поранешен селекторе, ќе Ви се заблагодарам што бевте дел од македонското одбојкарско семејство во минатите три години, но и ќе Ве замолам да престанете да вршите притисок и да ги чувате како заложници нашите играчи и нашиот нов селектор Душко Николиќ, Вие и Вашиот син-менаџер од само Вам познати причини. Ве замолувам да не оставите да победуваме. Победувавме пред Вас, победувавме со Вас и ќе победуваме без Вас!!!

Ви посакувам успешна работа каде и да сте – Претседател на ОФМ, Петар Јовановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот