Барањата на блиските од Кочани Мицкоски ги препрати кај пратениците
Дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржат барањето на роднините на загинатите во трагедијата што се случи во Кочани? Премиерот Христијан Мицкоски за одговор на ова прашање упати до пратениците од владејачката партија, но порача дека јавноста наскоро во судот ќе има можност да слушне што се случувало во Кочани.
Препорачано
– Што се однесува за поддршката за анкетна комисија, тоа прашање мислам дека добро е да им го поставите на пратениците. Мислам дека ваков тип на соочување со јавноста многу скоро ќе биде кога ќе почне процесот во суд. Така што таму ќе може сите, и граѓаните и јавноста и вие медиумите, да видите што сѐ се случувало – рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи барањето на роднините на загинатите во пожарот.
Тој одговарајќи и на прашање за барање за еднократна парична поддршка за семејствата на загинатите, по примерот на оние кои починаа во пожарот во модуларната болница во Тетово за време на ковид-пандемијата, истакна дека како Влада правеле и ќе прават сè за да им помогнат.
– Ги слушнав двете барања. Апсолутно немам никаква дилема дека ние како Влада правевме, правиме и ќе правиме сè што е потребно за да се помогне во тој случај, да се ублажи болката што е неизмерна, неограничена, голема – рече премиерот.
На маршот во саботата Наталија Ѓорѓиеска, сопруга на Андреј Ѓорѓиески, еден од двајцата загинати пејачи од ДНК во трагедијата во дискотеката „Пулс“ побара пратениците да иницираат надзорна расправа и посебна анкетна комисија за, како што рече, целосно и независно испитување на случајот, со што, истакна, ќе помогнат во потрагата по вистината за трагедијата.
– Бараме да се утврди зошто институциите задоцнија. Никое семејство не треба да носи болка, која е последица на ваков пропуст, негрижа или недејствување. Бараме да се утврди вистината, затоа што истражувањето што се водеше остана нецелосно, со многу отворени прашања, а ние, семејствата, останавме со сомнеж дека вистината овојпат е сокриена – рече Ѓорѓиеска.
https://www.slobodenpecat.mk/ne-e-ova-zhivot-tuku-tragedija-roditelite-na-zaginatite-deca-od-kochani-go-predvodat-marshot-za-angelite-vo-skopje/


