Извор од Кремљ: Овој мировен предлог е типичен украински план, Русија ќе го проучи со ладна глава

Иако Русија формално не ја прифатила верзијата на мировниот план на Украина и САД, според извори на „Блумберг“, Москва не сака целосно да го отфрли документот за да не ги наруши односите со американскиот претседател Доналд Трамп.

Русија има намера да издејствува измени во најновиот мировен предлог меѓу САД и Украина со кој би се ставил крај на војната, при што Кремљ инсистира на построги ограничувања за украинските вооружени сили, како и на решавање на прашањата поврзани со санкциите и замрзнатите руски средства, објави „Блумберг“.

Извор, близок до Кремљ, за медиумот изјавил дека Москва актуелниот документ го гледа како „основа за разговор“, а не како конечен договор.

„Москва го смета планот од 20 точки, кој беше заеднички развиен од Украина и САД, за почетна точка за понатамошни преговори, бидејќи му недостасуваат одредби важни за Русија и не дава одговори на многу прашања,“ рече изворот.

Тој додаде дека Русија го гледа сегашниот документ „како прилично типичен украински план“ и има намера да го „проучи со ладна глава“.

Зеленски го објави планот од 20 точки за завршување на војната во Украина, две се спорни

„Блумберг“ наведува дека рускиот претседател Владимир Путин сè уште јавно не се изјаснил за предлогот, кој бил формулиран по повеќедневни разговори со учество на американски, украински и руски претставници. Иако Русија формално не ја прифатила верзијата на планот, според изворите, Москва не сака целосно да го отфрли документот за да не ги наруши односите со американскиот претседател Доналд Трамп.

Истовремено, медиумот потсетува на неодамнешните изјави на Трамп дека преговорите напредуваат „во добра насока“ и дека постои реална шанса за постигнување договор во скоро време.

„Русија нема да го прифати предлогот“

Водечкиот истражувач во Институтот за земјите од Заедницата на независни држави, Александар Дудчак, изјави за ТАСС дека, според него, новиот мировен план на украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој наводно бил координиран со САД, нема да биде прифатен од Русија.

Тој тврди планот служи само за создавање впечаток дека се работи на решение и Русија „никогаш нема сериозно да го разгледа“, оценувајќи дека Украина нема вистински суверенитет од 2014 година наваму.

Дудчак остро ги критикуваше и предвидените безбедносни гаранции, нарекувајќи ги нереални и еднострани, бидејќи, како што тврди, не се зема предвид безбедноста на Русија.

Тој се спротивстави и на идејата Украина да задржи масовна армија од околу 800.000 војници во услови на мир, предупредувајќи дека тоа би значело дополнителна милитаризација и долгорочна нестабилност.

Осврнувајќи се на најавените избори по евентуалното потпишување договор, Дудчак оцени дека тие не би биле легитимни без длабоки политички и уставни промени во Украина. Според него, Русија не би имала обврска да ја признае власта што би произлегла од таков процес.

Русија бара гаранции дека НАТО нема да се проширува кон исток

Според изворите на „Блумберг“, руските барања вклучуваат цврсти гаранции дека НАТО нема понатаму да се проширува кон исток, како и дефинирање на неутрален статус на Украина, дури и во случај на нејзина интеграција во Европската Унија.

Русија бара и јасно утврдени ограничувања за големината и за вооружувањето на украинската армија по завршувањето на војната, како и гаранции за статусот на рускиот јазик во Украина – елементи кои, според Кремљ, недостасуваат во актуелниот предлог.

Дополнително, Москва инсистира на разјаснување околу укинувањето на санкциите и околу судбината на стотиците милијарди долари руски државни средства што се замрзнати на Запад.

„Блумберг“ наведува и дека Русија бара целосна контрола врз сите територии во источниот дел на Донецката област, вклучително и оние што не успеа да ги заземе за време на речиси четиригодишните борби. Украина, пак, категорично го отфрла тоа барање, стравувајќи дека откажувањето од утврдените позиции би ја изложило земјата на ризик од нов руски напад.

Зеленски: Се откажуваме од членството во НАТО

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот