фото: EPA-EFE/ATEF SAFADI

Израелските војници пљачкаат што ќе стигнат во Либан — мотори, телевизори, слики, теписи…

Според сведочењата, израелските војници ги натоваруваат украдените предмети во своите возила при напуштањето на Либан, без обид да ги сокријат.

Израелските војници пљачкаат големи количини цивилна сопственост од домови и од продавници со знаење на нивните командири, објави весникот „Хаарец”.

Израел објави целосна контрола над 55 села во јужен Либан во рамките на она што го нарекува „Жолта линија”, забранувајќи им на жителите да се вратат и напаѓајќи ги оние кои се приближуваат.

Пљачкањето не е нова појава кај израелските војници — претходните израелски извештаи во текот на изминатите две години документирале слични инциденти за време на војната во Газа.

„Хаарец” цитира анонимни војници и теренски командири распоредени во јужен Либан, според кои редовните и резервните трупи пљачкаат цивилна сопственост од домови и продавници.

„Кражбата на мотоцикли, телевизори, слики, каучи и теписи стана широко распространета и повторувачка појава”, наведува весникот.

Весникот додава и дека повисоките и теренските командири се свесни за пљачкањето, но не преземаат никакви дисциплински мерки за да го запрат.

Според сведочењата, војниците ги натоваруваат украдените предмети во своите возила при напуштањето на Либан, без обид да ги сокријат.

„Луда појава”

Еден војник го опишува пљачкањето како „луда појава”.

– Секој што земе нешто, како телевизори, цигари, алати или друго, веднаш го става во своето возило или го крие настрана. Тоа не е тајна. Сите гледаат и разбираат – посочува тој.

Други војници изјавиле дека некои командири ја игнорираат оваа практика, додека, пак, други ја осудуваат, но се воздржуваат од казнување на вмешаните.

– Командирите на баталјони и бригади знаат сè и не се жалат ниту се гневни – вели еден војник.

Друг вojник тврди дека еднаш командир фатил трупи кои заминувале со украдени предмети, им се развикал и им наредил да ги фрлат, но не следувала никаква истрага.

Трет војник рекол дека командирите ја признаваат сериозноста на проблемот, но не преземаат никакви мерки.

Војниците изјавиле дека пљачкањето се влошило поради недостаток на надзор.

– Кога нема казна, пораката е јасна. Ако некого протерале или затвориле, или распоредиле воена полиција на границата, тоа веднаш ќе запрело – објаснува еден од нив.

Дали Израел ги губи клучните сојузници во Европа?

Толку од дисциплината

Војниците велат дека обемот на пљачкање варира меѓу единиците, кај некои е минимален или никаков, додека, пак, кај други е широко распространет, во зависност од тоа колку строго командирите го спроведуваат редот.

Израелската армија соопшти дека во моментов пет дивизии оперираат во јужен Либан.

Додека армијата тврди дека спроведува контроли, контролните пунктови се отстрануваат.

Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа објави дека претставниците на Израел и на Либан постигнале договор за продолжување на прекинот на огнот за уште три недели на состанок во Белата куќа, но вооружениот судир меѓу Хезболах и израелската војска и понатаму продолжува.

Му забранив на Израел да го бомбардира Либан, вели Трамп: „Доста е!“

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот