Израел и Либан договорија нови три недели мир, додека судирите на терен продолжуваат
Американскиот претседател Доналд Трамп доцна синоќа објави дека претставниците од Израел и Либан постигнале договор за продолжување на прекинот на огнот за уште три недели на состанок во Белата куќа, пренесува Ројтерс.
Препорачано
Информацијата беше соопштена на неговата платформа Трут Соушл, по состаноците што ги одржа со претставници на Израел и Либан во Вашингтон.
Инаку тековното десетдневно примирје истекуваше доцна во недела навечер и, без продолжување, судирите ќе се интензивираа. Засега, Хезболах не се огласи во врска со најавата, а официјални реакции сè уште нема ниту од Израел, ниту од Либан, пренесуваат медиумите.
Трамп дополнително најави дека во наредните недели ќе се одржи заедничка средба меѓу него, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и либанскиот претседател Жозеф Аун. Според него, постои „многу добра шанса“ двете земји да постигнат мировен договор уште оваа година.
„Мислам дека тоа не би требало да биде тешко“, изјави Трамп.
Состанокот во Белата куќа тој го опиша како историски, наведувајќи дека на него присуствувале и потпретседателот Џеј Ди Венс, државниот секретар Марко Рубио, американските амбасадори во Израел и Либан, како и високи претставници на двете земји.
Тензии и покрај примирјето
И покрај договорот за прекин на огнот, насилството во Јужен Либан не стивнува. Според условите за мир, Израел треба да избегнува офанзивни дејства на либанска територија, но задржува право на реакција доколку процени дека постои непосредна закана. Во меѓувреме, двете страни продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за нарушување на договорот.
Во најновиот инцидент, Хезболах испали ракети кон Северен Израел, по што израелската војска возврати со удар врз позиција од каде, според нив, биле лансирани проектилите.


