Израелски напади во Бејрут, Либан/Фото: Houssam Shbaro / AFP / Profimedia

Израел започна нов бран напади низ Либан – Хезболах возврати со дронови и со ракети

Израелската војска соопшти дека започнала бран напади низ Либан по најавата на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху дека неговата земја ќе ги засили нападите врз Хезболах, пренесува Би-би-си.

Израелските одбранбени сили соопштија дека извршиле напади врз Хезболах во долината Бекаа во Источен Либан и во други делови од земјата.

Хезболах, пак, соопшти дека возвратила со 22 напади со дронови и ракети и дека целите вклучувале израелски војници, тенкови, касарни и објекти.

Претходно овој месец, Либан и Израел се согласија да го продолжат 45-дневното примирје, иако дел од борбите продолжија.

Израел и Либан го продолжија примирјето за 45 дена

Во видеообраќање во понеделникот вечерта, Нетанјаху изјави дека Израел е „во војна со Хезболах“ и дека армијата добила наредба да ѝ нанесе „силен удар“ на групата.

Нетанјаху рече дека израелската воена офанзива против Хезболах „елиминирала повеќе од 600 терористи“.

„Но, она што сега се бара од нас е да ги зголемиме нападите, да го зголемиме интензитетот“, посочи тој.

Исто така, од израелски функционери дојде повик за проширување на воената кампања и кон Бејрут.

Хезболах соопшти дека во понеделникот користел дронови и ракети за напади врз цели во Јужен Либан и Северен Израел, како одговор на, како што наведе, „израелското кршење на примирјето“.

Претставници на Либан и Израел, кои немаат формални дипломатски односи, треба да одржат дополнителни преговори во Вашингтон следната недела.

Либанскиот претседател Жозеф Аун побара целосно израелско повлекување од Јужен Либан.

Израел насред примирје пак го нападна Јужен Либан, шест луѓе загинаа

Откако договорот за примирје беше потпишан на 16 април, израелските напади главно беа ограничени на југот на земјата, каде што сè уште има израелска војска и од каде што, според Израел, биле лансирани дронови и ракети.

Долината Бекаа, која беше погодена во понеделникот вечерта, се наоѓа во Источен Либан, блиску до границата со Сирија.

Проширувањето на израелската кампања доаѓа во момент кога иранската влада инсистира дека евентуалниот мировен договор со Америка треба да вклучува целосен прекин на огнот на сите фронтови во регионалната војна.

Израелската влада се противи на прекин на борбите против Хезболах.

Од првичното примирје со Либан досега загинале 10 израелски војници. Во истиот период, повеќе од 400 луѓе во Либан биле убиени во тешките израелски бомбардирања, меѓу нив и болничари и работници од службите за итни случаи.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот