Израел и Либан го продолжија примирјето за 45 дена
Израел и Либан денеска се согласија на 45-дневно продолжување на кревкиот прекин на огнот, по дводневни преговори во Вашингтон, објави „Би-би-си“.
Препорачано
— Се надеваме дека овие разговори ќе придонесат за траен мир меѓу двете земји, за целосно признавање на меѓусебниот суверенитет и за територијален интегритет, како и за воспоставување вистинска безбедност долж нивната заедничка граница — изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
Американскиот претседател Доналд Трамп го објави примирјето на 16 април, но Израел и Хезболах оттогаш продолжија да разменуваат оган.
Во средата, либанското Министерство за здравство соопшти дека во израелски воздушни напади низ јужниот дел на земјата загинале 22 луѓе, меѓу кои и осум деца.
Стејт департментот соопшти дека во јуни повторно ќе ја свика „политичката патека на преговорите“.
— Дополнително, на 29 мај во Пентагон ќе започне безбедносна патека, со воени делегации од двете земји — додаде Пигот.
Речиси секојдневно има извештаи за размена на оган меѓу Хезболах и Израел долж јужната граница на Либан, откако започна прекинот на огнот.
Израел ги засили воздушните и артилериските напади во јужен Либан, тврдејќи дека цели позиции и инфраструктура на Хезболах.
Либанските власти обвинуваат дека се погодени цивили и болничари, што Израел го негира.
Израелската војска вели дека создава тампон-зона за спречување нови напади.
Хезболах, пак, продолжува со ракети и со дронови врз израелски сили. Од почетокот на конфликтот, според Либан, загинале најмалку 2.896 луѓе.
Нови интензивни напади на Израел со воени авиони и дронови низ Јужен Либан


