Избрани 10 најповолни патувања за Божиќ и Нова година, на листата се најде и еден соседен главен град
Како што се приближуваат празниците, многумина размислуваат како да ги искористат деновите помеѓу Божиќ и Нова година за краток одмор. Иако често се претпоставува дека патувањата во овој период се значително поскапи, ново истражување на тимот на „Ем енд Ес Тревел Мани“, пренесено од британскиот дневен весник „Дејли мејл“, покажува дека постојат исклучително поволни опции.
Препорачано
Според анализата, полскиот град Краков е најповолната дестинација за оваа година. Тридневен престој од 27 до 30 декември може да изнесува околу 400 евра, во што се пресметани летовите, сместувањето и просечните дневни трошоци за храна од околу 28 евра. За споредба, истиот период во Цирих би чинил околу 1000 евра. Краков претходно годинава беше прогласен и за европска престолнина на најбезгрижниот градски одмор.
Интересни факти за Краков
- Под замокот Вавел се наоѓа скулптура на „Вавелскиот змеј“, кој во определени интервали исфрла оган.
- Од кулата на базиликата „Света Марија“ секој час се изведува труба, чие свирење традиционално се прекинува во знак на почит кон средновековниот трубач кој загинал предупредувајќи за монголски напад.
- Казимјеж, некогашно еврејско маало, денес е центар на уметнички, културни и алтернативни содржини.
- Полските „пончи“ се традиционален десерт што се консумира во текот на целата година, со особена популарност на „Масниот четврток“.
- На уличните штандови се нуди „осципек“ – димено овчо сирење што се пече и се послужува со прелив од брусница.
- Фабриката на Шиндлер е претворена во музеј со современа, интерактивна и историска поставка.
- Кафулето „Јама Михалика“ важи за едно од најстарите континуирано отворени кафулиња во Европа.
- Солениот рудник „Величка“, во близина на Краков, е познат по подземните сали, тунели и капелата изработена целосно од сол.
На второто место се наоѓа Букурешт. Повратен лет до романскиот главен град чини околу 130 евра, а сместувањето во хотел со четири ѕвезди за три ноќи може да се најде за само 97 евра. Букурешт во декември нуди богата празнична програма, а божиќните базари на Плоштадот на Уставот се отворени до 28 декември.
Трет на листата е Тбилиси. Повратниот лет чини околу 364 евра, но сместување во хотел со четири ѕвезди за три ноќи може да се резервира за само 33 евра. Грузискиот главен град станува сѐ попопуларна зимска дестинација, а неговите празнични базари работат до јануари.
Варшава и Прага го заземаат четвртото и петтото место меѓу најповолните европски градови. Во двете метрополи празничните базари остануваат отворени до почетокот на јануари, нудејќи продолголен празничен амбиент.
На листата се најде и Белград, кој го зазеде седмото место меѓу најисплатливите европски дестинации за празничен одмор.
Топ 10 најповолни дестинации за престој меѓу Божиќ и Нова година
- Краков, Полска – 398 €
- Букурешт, Романија – 405 €
- Тбилиси, Грузија – 448 €
- Варшава, Полска – 453 €
- Прага, Чешка – 470 €
- Будимпешта, Унгарија – 502 €
- Белград, Србија – 506 €
- Минхен, Германија – 512 €
- Осло, Норвешка – 558 €
- Хамбург, Германија – 562 €


