Избегнете непотребно трупање производи и фрлање неискористена храна: Како да пазарувате во овие топли денови?

маркет
Фото: Unsplash

Пред да тргнете во купување, прочитајте ги овие неколку совети што ќе ви помогнат паметно и штедливо да пазарувате.

Иако денес постојат апликации и веб-страници преку кои може да се нарача храна и други производи за дома, одењето во продавница на неделно и месечно ниво и купувањето потребни продукти сè уште е нешто што повеќемината од нас го прават. Но, зошто да не пазарувате паметно и притоа малку да заштедите?

 Направете рутинска проверка на шпајзот

Пред да помислите да излезете од дома, секако проверете што имате во шпајзот. Ова навистина ќе ви помогне да заштедите пари, а исто така ќе избегнете непотребно трупање производи или фрлање неискористена храна. Ова ќе ви помогне и во избор на производите, односно по некое време ќе сфатите што вашето семејство сака да јаде, а што не треба веќе никогаш да го купувате.

 Искористете ги попустите

Сигурно често наидувате на летоци со понуди и намалувања. Иако во тој момент е примамливо да купите што повеќе производи, тука прво земете го предвид претходното правило – проверете го шпајзот. Иако некои производи се на попуст, нема да заштедите ако ги купите, иако не ви се потребни. Покрај тоа, можно е да им помине рокот на траење. Затоа проверете кои попусти се нудат и кои одговараат на вашите потреби, па потоа направете список за пазарување. Денес многу продавници нудат и неделни известувања по имејл со актуелни понуди и попусти, па можете да се пријавите за редовно да ги добивате.

Искористете ги социјалните мрежи

Денес во време кога живееме во технолошки напреден свет, сигурно следите и многу личности што не ги ни познавате. Зошто тогаш да не ја следите продавницата што ја посетувате? Освен што од прва рака ќе дознаете што и кога е на одредена акција, ќе бидете во тек и со наградните игри во кои можете да учествувате.

Не одете гладни во купување

Прилично сме сигурно дека за ова можеби сте слушнале, но сигурно ќе го пречекорите својот буџет ако заминете во продавница гладни бидејќи тогаш „сè изгледа супер“. Тоа ќе ве доведе до моментот да фрлате во корпата купишта нездрава храна, а на крај и до повисока сметка.

Искористете го намалението на производите што ги користите

Наместо да купувате импулсивно, обидете се да одредите кои производи најмногу ги сакате и ако се на попуст, купете поголема количина. Правењето мали залихи штеди пари и време, особено ако купувате на неделна база. Но, при ова ќе потсетиме на претходното правило – ако дома веќе имате резерви од омилените производи, нема потреба да трупате премногу.

Купување производи на мерење

Наместо купување теглички со зачини, конзерви со грав или пакувани јаболка, купувајте производи на мерење, па дома сами дополнете ги тегличките или кутиите. Освен што ќе заштедите, затоа што нема да платите дополнително за амбалажата, природата ќе ви биде благодарна затоа што ќе престанете да користите еднократна амбалажа.

Прифатете понекоја „кратенка“

Ако кога било ви се случило да фрлите половина карфиол или цела брокула, бидејќи премногу долго стоеле, треба да размислите за купување претходно миени, сечкани и замрзнати производи. Освен што ќе заштедите време на подготовка, тие многу подолго ќе траат и нема без потреба да фрлате производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот