Исти закони, различни толкувања: Стопанството добива збунувачки сигнали од администрацијата

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија / Фото: Утрински брифинг

Честите промени на законите се предизвик за претпријатијата, кои мака мачат да се приспособат на новитетите што им ги сервира државата. Некои решенија им одат во прилог, а повеќето не, особено кога бизнис-заедницата не е консултирана или, пак, има кус период за приспособување кон измените.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија, за „Слободен печат“ вели дека упорно инсистираат да се престане со практиката на донесување законски промени во скратена процедура, задолжително да се вклучат засегнатите страни, како и на соодветна подготвеност на државните органи за примена на законските промени. Бошков е дециден дека е потребна соодветна комуникација на државните органи со работодавачите и со стопанските комори, со што ќе се подобри подготвеноста за примена на законските примени.

-Изминатава година и пол упорно се носат разни одлуки, се доставуваат официјални наредби, без никаква консултација со реалниот сектор. Тоа значи дека социјалниот дијалог е еднонасочен, иако треба да е обратно – прво да нè прашаат што ни треба пред да го усвојат – додава Бошков.

Најновото истражување на „Македонија 2025“ за бирократскиот товар во државава покажа дека добар дел од поплаките на македонските претпријатија се однесуваат на кратките рокови за усогласување, без соодветни насоки и упатства или доцнење на државните органи во обезбедување услови за спроведување или промени што значително ги менуваат условите за работа.

-Во одредени случаи, правилници и упатства за примена на некое ново или изменето законско решение се носат по почетокот на примената на законот или измената на законот – стои во истражувањето.

Но, паѓа во очи и податокот дека има големи поплаки за различните толкувања на државните органи и на инспекции на законите и прописите. Најчесто посочуван пример е дека мислењата издадени од УЈП содржат оградување дека мислењето нема правна сила, дека не може да се употреби на суд и слично и дека секој инспектор има право на свое мислење и толкување. Претседателот на Бизнис конфедерацијата не се согласува со ова и вели дека инспекторите немаат право на свое мислење, туку треба да ги почитуваат законите.

– Од искуство ви кажувам дека на локално ниво имаме „шарено“ толкување на Законот за ДДВ и за финансиска дисциплина во Гевгелија, Гостивар и во Кавадарци. Во реалниот економски живот не смее да има различни аршини за законите, бидејќи тоа не дава правна сигурност и влијае врз финансиската дисциплина. Уште полошо е што непримената на законите создава легално-економска непослушност, која пак ја засилува сивата економија во земјата – додава Бошков.

Товарот на промените на законодавството во Македонија е 9 часа и е споредлив со другите пет земји, каде што рангот се движи од 3 часа во Шпанија до 11 часа во Словачка, а Италија е исклучок со 32 часа, стои во истражувањето на „Македонија 2025“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот