ИОК: Законот за спорт да се усвои најдоцна до мај 2020!

Фото: mok.org.mk

Македонскиот олимписки комитет информира дека на ден 13 ноември 2019 година во Лозана, во седиштето на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) се одржа средба на која присуствуваа Директорот за институционални односи со Националните олимписки комитети, Жером Поиви од Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), претставниците на Владата на Република Македонија, Даниел Димевски и Ѓорги Тасев како и претставниците на МОК, Васил Тупурковски, Сашо Поповски и Владимир Богоевски.

Средбата беше свикана врз основа на покана од страна на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), кој што го изрази своето задоволство од оваа работна средба на високите владини претставници и од активностите кои координирано ги превземаат владините институции во тесна соработка со МОК, во насока на унапредување на состојбите во спортот во Република Македонија.

На 21 декември 2019 година ќе се одржи редовното годишно собрание на Македонскиот олимписки комитет, на кое ќе се дискутира за сите отворени теми по дневниот ред, а за кое што Собрание до сите членови уредно ќе биде доставено покана за присуство со соодветен работен материјал.

Во официјалниот допис од ИОК, од 14 ноември 2019 година кој што во целост можете да го прочитате ТУКА се вели дека беше договорено да бидат имплементирани четири чекори од патоказот:

Нацрт-изработка на ново спортско законодавство кое што ќе биде целосно во согласност со принципите и правилата кои го регулираат Олимпиското движење:

Тековното спортско законодавство треба значително да се поедностави и новиот закон во суштина треба да се фокусира на: (1) основните принципи кои ја регулираат организацијата на спортот во земјата ; (2) улогата и одговорностите на владините тела и разните спортски организации, во согласност со основните стандарди на соодветните меѓународни спортски организации; и (3) интеракцијата меѓу главните засегнати страни.

Целта ќе биде да се обезбеди хармонична и ефикасна соработка помеѓу сите заинтересирани страни, во интерес на спортот и спортистите, со целосно почитување на принципот на одговорна автономија на спортските организации и нивните прерогативи (исклучиво право). Во примената на принципот на одговорнa автономија на Олимпиското движење, беше договорено дека внатрешното управување и специфичните правила на спортските организации нема да бидат дел од спортското законодавство, туку тоа ќе биде дел од нивните статути, во согласност со основните барања на засегнатите меѓународни спортски организации.

За да се постигне ова, засегнатите владини органи ќе работат заедно со Националниот олимписки комитет и со претставниците на националните федерации (во консултација со ИОК, ако е тоа потребно во оваа фаза) и ќе го испрати прелиминарниот нацрт до Меѓународниот олимписки комитет, најдоцна до 15 јануари 2020 година. Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) ќе го разгледа овој прелиминарен нацрт за да потврди дека е целосно усогласен со принципите и правилата кои го регулираат Олимпиското движење.

Конечниот нацрт треба да биде готов најдоцна до крајот на првата недела на февруари 2020 година, така што ќе може да започне постапката иницирана од страна на засегнатите надлежни авторитети и законот да биде усвоен од страна на Собранието на Република Македонија што е можно поскоро, најдоцна во мај 2020 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот