ИНТЕРВЈУ Стефан Ашковски: Италија е голем предизвик, но Македонија може да се надигрува со сите

Стефан Ашковски (лево) во дресот на македонската А репрезентација/Фото: ФФМ

– Задоволен сум од настапите за македонската А репрезентација, секогаш може и подобро од тоа што сме го направиле – вели нашиот репрезентативец Ашковски.

Македонската најдобра репрезентација го освои второто место во квалификациската група „Ј“ и на тој начин гo обезбеди место во баражот преку кој ќе се бори за прво историско учество на Светско првенство, односно Мундијалот во Катар 2022 година.

Со жрепка во Цирих беше одреден ривалот на нашите најдобри фудбалери, во полуфиналето на гостински терен ќе играат против актуелниот европски шампион Италија, а доколку триумфираат во финалето како последна пречка на патот кон СП ќе се соочат со подобриот од средбата Португалија – Турција.

Еден од клучните играчи, кој воедно ги брани боите на романскиот клуб Шепши, Стефан Ашковски со неговите перформанси во сениорскиот национален дрес исто така значајно придонесе за нови победи во мундијалските квалификации.

тренинг а репрезентација
Најдобрите македонски фудбалери во обид да испишат нова историја/Фото: ФФМ

Честитки за пласманот во баражот за Светското првенство во Катар, Македонија никогаш не била толку блиску до уште едно големо натпреварување, како се чувствувате, и што ја краси оваа репрезентација, ова фудбалско семејство?

– Да, Македонија никогаш поблиску до најголемото репрезентативно натпреварување. Се чувствуваме позитивно и гладни за успех. Оваа генерација ја краси селекторот кој има јасна визија за неговиот тим за офанзивен фудбал и ние играчите кои ги почитуваме одлуките, сакаме да играме офанзивно и сме како едно, се бориме еден за друг.

Противник во баражот, т.е. во полуфиналето е европскиот шампион Италија, до март следната година има доволно време, како вие гледате на овој предизвик?

– Секако дека Италија е сериозен противник и секако ќе биде еден голем предизвик за нас, но ние покажавме во последно време дека можеме и сакаме да се надигруваме со сите, така што и ќе сакаме да се надигруваме со нив.

македонска фудбалска репрезентација
Македонска фудбалска А репрезентација со победата над Исланд обезбеди бараж за СП 2022/ Фото: EPA-EFE/NAKE BATEV

Ја добивте довербата од селекторот Благоја Милевски, каква е соработката и колку сте вие задоволни од вашите настапи за А репрезентацијата во квалификациите каде што е освоено второто место?

– Соработката е одлична, задоволен сум од настапите, секогаш може и подобро од тоа што сме го направиле. Но, среќен сум што Македонија го освои второто место и се надевам дека и натаму ќе го радуваме нашиот народ и самите себе.

Играте со срце на теренот, ќе го одвојам мечот со Ерменија каде што практично со вашата асистенција до Трајковски, во битен момент почнаа да се враќаат мундијалските надежи на Македонија. Селекторот имаше една изјава за вас во која рече дека вие сте играч кој може да биде на повеќе позиции, дека вие сте природно лев бек, но против Ерменците игравте десен бек и тоа доста успешно.

– Секогаш кога играм сакам да го давам максимумот. И асистенцијата беше во прав момент за нас. Да, јас сум играч кој може да игра на повеќе позиции, против Ерменија почнав како десен бек и беше добар меч, но генерално против Ерменија нашата репрезентација одигра феноменално од прв до последен и со одличен резултат се вративме во Скопје.

Што според вас треба да го краси еден фудбалер, воопшто спортист за да може да се надева и верува дека може да дојде до успех, до добар резултат?

– Никогаш да не се откажува, но баш никогаш. И секогаш да верува во себе и во своите соиграчи и секогаш да го даваш максимумот.

Стефан Ашковски посакува и натаму со нови успеси да се израдува македонскиот народ/Фото: ФФМ

И на крајот кои се вашите желби за понатамошната сезона на клупски и репрезентативен план, секако севкупно желбите за во 2022 година?

– Желбите се прво да може да се пласираме на Светското првенство во Катар и со мојот клуб да играме во плеј-офот.

Манчини: Македонија е добар тим

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот