Интервју со Дарио Крумевски, модел: Модната писта е предизвик, кошарката љубов, а медицината ја избрав по повредата
Најголем предизвик ми се академските обврски, затоа што бараат континуитет и концентрација. Дисциплината од спортот и притисокот од моделингот не ги гледам како товар, затоа што уживам додека ги правам.
Со само 20 години, младиот модел од Куманово, Дарио Крумевски, веќе се истакна на регионалната модна сцена со победата на изборот „Топ модел Јуроп Балкан“ во Белград, каде што ја освои титулата „Комерцијален модел“. Тој живее во Скопје и студира на Медицинскиот факултет – насока физиотерапија, а зад себе има и професионална кошаркарска кариера.
Препорачано
Во интервју за „Слободен печат“, Дарио зборува за балансот меѓу модната писта и академските обврски, спортската дисциплина што го обликувала и плановите за иднината.
Имаш само 20 години, а веќе стоиш зад победа на „Топ модел Јуроп Балкан“ во Белград. Како гледаш на тој момент и што ти значи сето ова?
– Искрено, само учеството во финалето во Белград за мене беше голем успех, а победата ми дојде како силно изненадување и огромна мотивација. Пресреќен сум што ја освоив титулата „Комерцијален модел“ особено затоа што ова беше првата сезона на натпреварувањето на Балканот. За мене тоа е момент што ќе го паметам долго и старт што ми дава уште поголема верба дека сум на вистинскиот пат.
Роден си во Куманово, живееш во Скопје и студираш на Медицинскиот факултет за физиотерапевт. Од каде љубовта кон ова? Како изгледа твоето секојдневие меѓу обврските на факултет и моделингот?
– Љубовта кон физиотерапијата се роди природно, преку спортот. Поради повреди морав да ја прекинам професионалната кошаркарска кариера, но токму тоа ме насочи кон нова цел – да останам поврзан со спортот и преку медицината. Мојот ден е динамичен и исполнет: факултетските обврски, тренинг и рутина што ми ја држи формата и дисциплината. Кога има повици за снимања или ангажмани од агенцијата, сè се приспособува, но секогаш се трудам да го одржам балансот и да бидам максимално посветен на двете страни.

Порано си играл професионална кошарка, дали сè уште се занимаваш со овој спорт? Како спортот те обликуваше како личност?
– Кошарката останува моја голема љубов и дел од мене. Иако не сум активен професионално, секогаш кога имам можност, играм рекреативно. Спортот ме научи на дисциплина, истрајност и ментална сила – вредности што ми помагаат во секој сегмент, без разлика дали е факултет, моделинг или животни цели.
Како изгледаше искуството на „Топ модел Јуроп Балкан“ во Белград – што беше најпредизвикувачко, а што највредно што го понесе од тој проект?
– Најголем предизвик ми беше моментот кога дознав дека ќе ја отворам целата ревија, првпат излегов на писта пред голема публика, без претходно искуство. Тоа беше тест за самодоверба. Највредното што го понесов е лекцијата дека мораш да веруваш во себе 100 отсто. Кога ти си сигурен во себе, тоа се гледа и на сцената – и луѓето го препознаваат.

Дали ова ти помогна да ти се отворат нови врати во модната индустрија и, всушност, како дојде до идеја да учествуваш на овој натпревар?
– Да, победата ми донесе нови можности и видливост, особено затоа што ме однесе и до финале во Брисел, што отвора дополнителен контакт со европски агенции и професионалци од индустријата. Сè започна спонтано: видов оглас за пријавување и решив да пробам. Таа одлука ми отвори нови врати и ми покажа дека храброста секогаш се исплати.
Што е поголем предизвик за тебе – дисциплината од спортот, притисокот од моделингот или академските обврски на Медицинскиот факултет?
– Најголем предизвик ми се академските обврски затоа што бараат континуитет и концентрација. Сепак, важно ми е да бидам истраен и да не пуштам ништо половично. Дисциплината од спортот и притисокот од моделингот не ги гледам како товар, затоа што уживам додека ги правам.

Што има во Куманово што, според тебе, го нема во другите градови во Европа?
– Во Куманово најмногу го сакам чувството на блискост, сите се познаваат, градот има свој дух и своја динамика. И да има моменти кога сме „еден преку друг“, на крај пак сите се среќаваме на исто место – на кафе.
Кои се твоите идни планови? Каде сакаш да бидеш и како сакаш да изгледа животот што го градиш во следните неколку години?
– Не сакам да си ставам граници. Сакам да ги искористам шансите што доаѓаат и да се развивам паралелно, и во моделингот и во медицината. Целта ми е да бидам успешен, стабилен и дисциплиниран, да останам свој и да не заборавам од каде сум тргнал.


