ИНТЕРВЈУ со Андреа Нисева: Верувам дека можам и со дисциплина во борењето да стигнам до врвот!

„Слободен печат“ направи ексклузивно интервју со Андреа Нисева која годинава имаше учество на 10 турнири од кои девет на меѓународната сцена, со девет први места и една трета позиција.

Дефинитивно сме сведоци дека Македонија има нови боречки бисери, неодамна се говореше за европскиот шампион Бесир Алили, а сега и во женска конкуренција имаме уште еден перспективен талент кој веќе блеска, а тоа го докажува со одлични резултати на турнирите.

Во кој клуб тренира Андреа, што е клучно за врвен успех, како поминува еден нејзин обичен ден, за самите резултати, настапи, амбиции, сето тоа можете да го прочитате во продолжение.

Кога и како се заинтересиравте да бидете дел од борењето, колку време тренирате во овој спорт?

– Гледајќи ги медалите и успесите на мојот татко и неговите резултати, прашав што е борење, бидејќи по обичај борењето е машки спорт. Гледајќи ги борбите на Каори Ичо од Јапонија (четирикратна олимписка шампионка 2004, 2008, 2012 и 2016 година) ми стана јасно дека можам и јас да пробам во женското борење. Кога ме однесоа на мојот прв натпревар, а воедно и моето прво место, имав четири борби и сите ги победив. Ми даде верба дека јас го можам ова и ќе продолжам. Веќе две години тренирам во клубот „Олимпија“ каде запознав нови другари и другарки, една нова фамилија, каде мојот татко, Кире Нисев, воедно е и тренер заедно со другиот тренер Гордан Николов и прет. Маријан Атанасов во координација на Методи Сичков.

Освоивте златен медал на „Купот на Станка Златева“, кажете ни нешто околу настапот, колку беше силна конкуренцијата?

Натпреварот во Сливен-Бугарија, Купот на Станка Златева за мене имаше огромно значење, знаејќи дека се борам со девојчиња постари од мене 2-3 години и знаејќи дека една од нив на последното, неодамна одржаното Балканско првенство беше втора, тоа ми создаде дополнителен притисок, но и мотив да излезам да се изборам како што јас знам и умеам. Го издржав притисокот, успеав во тоа и сум многу среќна. Имав четири борби и сите ги победив. Една од борбите ќе ми остане во сеќавање, затоа што на 20 секунди до крајот на борбата ме водеа со два поени за противничката. Успеав да ја изненадам и победив со четири поени повеќе за мене. Предизвик беше и мојот идол, Станка Златева, освојувач на сребрен медал од Летните олимписки игри во Пекинг 2008 година.

Како изгледа еден ваш обичен ден, како се мотивирате, што е за нас најинтересно на тренинзите?

– Денот почнува со учење. Јас сум ученичка во ОУ „Гоце Делчев“  – Штип и сум петто одделение. После училиште, време е за тренинг. Јас со мојот татко воедно и тренер, се подготвуваме за тренинг. Тренираме во салата на ОУ „Славејко Арсов“ во населбата Баби во Штип. Тренингот започнува со загревање на телото и потоа следува мојот најомилен дел, гимнастика, најмногу ја обожавам. Потоа, следување учење на нови зафати и борба со мои клупски другари.

Кои се вашите најголеми успеси, резултати на домашната и меѓународната сцена?

-Оваа година учествував на 10 турнири, девет меѓународни и еден меѓу училишен натпревар од кој имам освоено девет први места и едно трето, поединечно:

ПУЛА ОПЕН, Хрватска – 1 место

ЗАДАР ОПЕН, Хрватска – 1 место

ЗАГРЕБ, Хрватска – 1 место

КАТУНЦИ, Бугарија – 3 место

ЈАМБОЛ, Бугарија – 1 место

СЛИВЕН, Бугарија – 1 место

БЕЛГРАД, Србија – 1 место и прогласена за најдобар техничар на турнирот

КОСОВО, Качаник – 1 место

КОСОВО, Приштина – Ментаз Алајбегу – 1 место најдобар техничар и странски борач

МЕЃУУЧИЛИШЕН НАТПРЕВАР, Радовиш – 1 место

Кои се вашите наредни активности, нови настапи во понатамошниот период?

– Јас сакам да се натпреварувам на што е можно повеќе турнири во зависност од поканите и планот на клубот и управата на клубот, со тоа стекнувам побогато искуство. Следен натпревар имаме во Србија, веќе сме поканети каде минатата година мојата екипа „Олимпија“ го освои првото место на турнирот. Дополнителен мотив за натпреварување го добив по автограмот од Станка Златева на мојата блуза која ми ја додели токму таа.

Дали имате неостварени желби кои би сакале да ги остварите во иднина, со цел за ваши уште поголеми успеси…

– Моја цел и моја желба е прво место на Европско првенство и учество на Олимпијада. И се надевам дека ќе бидам првата Македонка која ќе обезбеди норма за учество на Олимпијада.

Кога сме кај Олимписките игри, да потсетиме дека борачот Магомедгаџи Нуров е првиот Македонец со олимписка норма за Токио 2020.

Што е потребно кај еден борач за да стигне до врвот, да освои златен медал или биде воопшто дел од победничкиот подиум?

– Најдобра особина на еден борач е дисциплината. Слушајќи го тренерот, послушноста да ги извршам поставените задачи, иако не се лесни, а резултатот е последен. Самиот труд ќе ги даде резултатите. Им благодарам на моите родители, тренерите и управата на клубот, БК „Олимпија“, кои вложуваат време и средства. Се надевам дека ќе успеам да ги направам горди со мојата работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот