Интересен рецепт на Стефанија Несторовска: Розов намаз од цвекло (Pink dip)
Благодарение на вештите раце и инвентивноста на младата Стефанија Несторовска што стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, секогаш имаме можност да пробаме нешто интересно и несекојдневно.
Денеска уживајте во неповторливиот вкус на намазот од цвекло (Pink dip).
Состојки:
– 1 канче грчки јогурт (150 грама)
– 1 мала главица цвекло или 3-4 парчиња цвекло од конзерва
– сок од половина лимон
– 1 чешне лук
– 1 лажица маслиново масло
– 1/2 лажичка сол
– микс од билни зачини (оригано, копар, кимион и слично)
Начин на подготовка:
1. Се загрева рерната на 200 степени и се додава цвеклото во мал сад за печење. Јас користев керамички сад, но може каков било.
2. Се додава вода во садот приближно до половина од тавата. Се додава цвеклото (цело) и се покрива со фолија. Се пече околу 45 минути до 1 час, во зависност од тоа колкава големина е цвеклото. Готово е кога лесно ќе се боцне со нож во внатрешноста од цвеклото.
3. Се додава во блендер заедно со сите останати состојки и се блендира сѐ додека не се добие кремаста, изедначена смеса.
4. Се остава во фрижидер да се излади малку или може и веднаш да се консумира.
5. Чувајте во затворен сад во ладилник 3-4 дена.
6. Јас сакам да го користам во салати, во главни јадења или како ужинка со свеж зеленчук.