Институт во Франција бара волонтери, плаќа 5.000 евра за 10 дена лежење во кревет!
Институтот за вселенска медицина и физиологија во Тулуз, франција, наскоро ќе спроведе студија за симулација на бестежинска состојба. Тие бараат десет избрани здрави млади мажи кои ќе мора да останат врзани за кревет десет дена, а наградата изнесува 5.000 евра, пренесуваат француските медиуми.
Препорачано
Десетте волонтери ќе бидат дел од новата студија за симулација на бестежинска состојба, односно нулта гравитација, кога телото не е подложено на ефектот на гравитацијата. Учесниците ќе мора да лежат десет дена во малку наклонета положба, со внес од само 250 калории дневно.
Експериментот ќе се спроведе следниот јуни, со цел да се создадат условите на бестежинска состојба во вселената.
Учесниците ќе добијат по 5.000 евра, но мора да исполнуваат прецизни критериуми: да бидат мажи на возраст меѓу 20 и 40 години, во совршено здравје и атлетска градба.
– Ќе има сè подолги вселенски мисии, а прашањата за метаболизмот и исхраната стануваат сè поважни – рекол Амандин Фабр, раководител на проекти и клинички истражувања во Институтот.
Институтот наведува дека веќе добил бројни апликации. Ерван, кој беше интервјуиран од БФМ ТВ, сака повторно да учествува, бидејќи веќе бил дел од сличен експеримент во 2023 година. Потоа останал врзан за кревет 60 дена по ред.
– Кога ќе легнете во кревет, првите три часа вашето тело воопшто не се навикнува на тоа. Малку ја губите ориентацијата. Но, потоа сфаќате дека вашето тело се адаптира многу брзо – објаснил поранешниот учесник во вселенските студии.
За учеството во тој експеримент во 2023 година, тој добил 18.000 евра.


