Харисон Форд се соочувал со сериозни ментални проблеми за време на студирањето – „Беше тоа повеќе од депресија“
Легендарниот актер Харисон Форд откри дека за време на студиите се соочил со исклучително тежок период и објасни како глумата му помогнала да закрепне. Гостувајќи во поткастот на „Холивуд репортер“, Форд отворено зборуваше за проблемите со менталното здравје со кои се соочувал во раната младост.
Препорачано
Тој истакна дека она што на крајот го извлекло од бездната бил неговата прва средба со глумата на еден драмски курс на факултетот.

„Би станал од креветот, би нарачал пица преку телефон, па би се вратил да лежам додека не пристигне. Би ја изел пицата, би ги фрлил пакувањата во аголот и би се вратил на спиење. Имав еднокреветна соба и предавања на кои требаше да одам, но ретко излегував. Во ретките моменти кога ќе тргнев кон училницата, често се свртував на половина пат и се враќав назад. Беше тоа повеќе од депресија, мислам дека бев болен. Бев социјално болен, а психички не бев добро“, призна Форд.
Она што го поттикнало да излезе од изолација и да изгради систем на поддршка, на сосема неочекуван начин, бил неговиот низок просек на оценки. Во обид да го подобри успехот, се запишал на курс по драма. Актерот се присети дека прочитал само дел од описот на курсот, каде стоело дека програмата вклучува читање и анализа на драми.

Изненадувањето дошло кога сфатил дека студентите мораат и самите да глумат во претстави, што не го очекувал.
„Се изненадив што луѓето кои ги сметав за ’бубалици‘ и неприспособени, всушност беа некои од најинтересните личности што ги познавав. Правеа нешто што не го разбирам, раскажуваа приказни за животот, а некои од нив одлично го разбираа човечкото однесување. Едноставно, го пронајдов своето место меѓу раскажувачите. Тоа навистина го промени мојот свет и мојот живот“, изјави актерот.

По овој курс, Харисон Форд изгради кариера долга 50 години, станувајќи едно од најголемите имиња во историјата на кинематографијата.


