ГРАЃАНИТЕ РЕВОЛТИРАНИ: Вадењето извод во матично е ВИСТИНСКИ КОШМАР (ВИДЕО)

Фото: Слободен печат

Граѓаните се пожалија дека шалтерите на Управата за водење на матични книги во Скопје се вистински кошмар. Вработените ретко кога се на шалтер, за еден документ се чека со часови, а и кога ќе го добиеш документот, сведоштвата на граѓаните говорат дека најверојатно е дека ќе има некоја грешка во изводот, умреницата или некој друг документ која оваа управа ги издава.

Месец дена чекање умреница

Софија Мојсовска од Скопје ни се пожали дека за Умреница за нејзината мајка, која е почината веќе 22 години, ја натерале да оди до Делчево само поради тоа што татко ѝ е роден таму.

– Го згрешија документот од болница, па таму да се поправи, па во изводот требало да се каже дека мајка ми е почината, а таа е почината пред 22 години. Едвај ги собрав сите документи и ми велат, дојди за еден месец. Одам за месец дена и вработената ми вели дека умреницата е готова, но не е потпишана, кога се пожалив кај одговорниот тој ми рече да дојдам во понеделник – објаснува Мојсовска.

Таа вели дека освен што се бавни, вработените во матичното во Скопје се многу неуслужливи.

– Можеш еден саат да стоиш на шалтер, само ќе си поминат, заминат и никој нема да дојде да те услужи во работно време. Кога бев да ја земам умреницата прашав една вработена дали таму се земаат умреници, таа ме упати на друг шалтер, кој знам од претходно дека не е за умреници туку таму се земаат изводи. Отидов на тој шалтер, чекав половина час, а на шалтерот, иако имаше премногу гужва, никој не работеше, вработениот нешто бараше позади во канцеларијата половина час. Се изнервирав, прашав друг вработен каде се подига умреница тој пак ме упати на трет шалтер. На крај една вработена таму испадна дека го знаела маж ми, па ми заврши работа, цел ден изгубив поради нивната неуслужливост – вели Софија.

Како што ни вели нашата соговорничка, во минатото се случувало неколку недели да се враќа во просториите на управата, поради тоа што вработените нон-стоп погрешно ги пишувале нејзините податоци во изводот.

Не знаат да напишат Лена, упорно пишуваат Љена во изводот

Уште една наша читателка, Анита Митревска ни се пожали од работата на матичното. Таа вели дека при вадење на извод на нејзината ќерка, морала таа сама да го внесе името на ќерката во компјутерот на вработениот.

– Службеникот не го разбираше името на мојата ќерка, десетина минути му објаснував дека мојата новородена ќерка се вика Лена, а не Љена, за на крајот да ми каже наместо него, јас да го внесам името во нивниот систем – објаснува Митровска.

Сепак, нејзините маки не завршуваат овде, од матичното продолжиле со грешките.

Откако отидов да го земам изводот и покрај уредно пополнетиот формулар, во изводот на местото каде ја пишува адресата, пишуваше дека живееме во влез 74. Ова покажува дека службениците работат механички, бидејќи не верувам дека некоја зграда во нашава земја има 74 влеза – вели нашата читателка Митровска.

„Слободен печат“ отиде пред Управата за водење на матични книги за  да ги праша граѓаните колку се задоволни од услугите. Според нивните реакции, очигледно е дека службениците не си ја вршат својата работа како што треба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот