Градот и oпштините чекаат снег, тврдат дека се подготвени за зимската сезона

Снег, сообраќај, луѓе
Попладне во западните и северните делови облачноста ќе се зголеми, а во вечерните и ноќните часови ќе има врнежи, претежно од снег/ Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Градските власти ги потсетуваат граѓаните дека потребно е навремено да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите, инаку полицијата и комуналните инспектори ќе казнуваат.

Одржувањето на чистите и суви коловози во текот на зимските месеци е исклучително важно за безбедноста на возачите, но и на патниците. Падот на температурите, особено во раните утрински часови, може да биде причина за лизгави коловози, тротоари и плоштади, кои претставуваат сериозна опасност за пешаците, но и за сите други учесници во сообраќајот. Токму затоа, важно е навременото чистење на мразот и снегот од улиците во периодот што ни претстои.

За таа цел, од Општина Ѓорче Петров информираат дека за навремена подготовка за претстојната зимска сезона, градоначалникот Александар  Стојкоски веќе одржал состанок со Кризниот штаб во општината Ѓорче Петров во присуство на претставници од месните и од урбаните заедници и надлежните служби.

За сезоната 2021/22 се обезбедени потребните количини индустриска сол. Со цел непречено одвивање на сообраќајот во зимскиот период, ангажирана ќе биде потребната механизација како универзално возило камион, специјално возило-камион, камион кипер, багер-ровокопач и булдожер. Обезбедените материјали и опрема ќе бидат складирани во комуналниот пункт во Ѓорче Петров каде што ќе бидат организирани 24 часовни дежурства, а материјалите ќе се употребуваат согласно временските услови. Зимското одржување на локалните улици ќе биде изведено со мобилни екипи на терен во Урбаниот и руралниот дел на општината – информираат од Општина Ѓорче Петров.

Според најавите, предвидено е најмногу да се интервенира на критичните места во општината ,односно кај надвозникот во Даме Груев каде ќе има дежурна екипа, а мобилни екипи ќе има и во селата Кучково, Никиштани и Волково.

Договорот со избраната фирма за зимско одржување улици и патишта на територијата на општината Ѓорче Петров е пред склучување, со што се обезбедуваат потребните услови за почеток на сезоната – велат од оваа скопска општина.

И градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски ги информираше граѓаните од својата општина дека веќе го одржал првиот состанок со кризниот штаб на општината каде што се разговарало за претстојната сезона.

Одржав прв состанок со кризниот штаб на општина Гази Баба. На состанокот присуствуваа претставници на фирмите за зимско одржување. Започнуваме со навремени подготовки за зимскиот период. Мора да има и ќе има навремено чистење и одржување на улиците од снег. Кризниот штаб и фирмите за одржување се подготвени за постапување на терен – рече градоначалникот Стефковски.

И од Општина Карпош велат дека се комплетно подготвени за зимското одржување на улиците на нивната територија.

Општина Карпош е подготвена за претстојната зимска сезона. Градоначалникот Јакимовски потпиша договор за ангажирање служба за одржување сообраќајници, сервисни и станбени улици како и пешачки патеки во зимски услови, кои ќе ги изведува фирмата „Анизор“ –информираат од оваа скопска општина.

Град Скопје минатата недела информираше дека стартува Зимската служба на градот, а со тоа и координираните активности за зимско одржување на улиците во надлежност на Град Скопје, врз основа на Програмата усвоена од Советот и средствата предвидени во Буџетот.

Носител на активностите за зимското одржување на улиците ќе биде ЈП „Улици и патишта“ со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал. Со Програмата се предвидени обемот, динамиката и нивото на одржување на улиците со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот на градските сообраќајници во зимски услови. Кoловозните ленти при одржувањето во зимски услови ќе се расчистуваат  според приоритети, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот, односно стопански објекти – објаснуваат од Град Скопје.

Оттаму велат дека преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамките на Програмата и своите надлежност да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни потпрограми за расчистување јавни површини во зимски услови.

Кризниот штаб посебно апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата, благовремено да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавна чистота ќе изрекуваат казни – додаваат од Град Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот