„Го Сакам Водно” и „О2 Иницијатива” со барање во Владата: Донесете посебен Закон за заштита на Водно

Граѓанско здружение „Го Сакам Водно” и „О2 Иницијатива” денеска испратија барање до Владата за стопирање на Нацрт-одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, како и за итно пристапување кон изработка на посебен закон за Водно со формирање на експертска меѓуресорна комисија.

Барањето, како што соопштија од „Го Сакам Водно”, е поддржано од вкупно 38 граѓански здруженија и иницијативи. Целта на ова барање е да се обезбеди сестрана интегрирана заштита на Парк шумата Водно.

– Сегашната постапка на носење на Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел што бараме да се стопира, е од многу понизок вид од сегашната на сила за парк-шумата Водно и не вклучува никакви законски забрани. Со оваа (не)заштита на околу 40 проценти од површината на сегашната парк-шума Водно ќе се овозможи градење на разни објекти, посочуваат од здружението.

Вистинската заштита на Водно што му е неопходна и од највисок е приоритет, посочуваат, произлегува од неговата примарно безбедносна функција во штитење на граѓаните и градот од ерозија и поројни поплави.

– Во изминативе 92 години за Водно се направени многу проценки, изработени се многу планови и студии, зошто Водно било голина која била опасност за жителите и градот кој растел и во етапи се пошумувал, за денес да е она што го знаеме, додаваат од здружението.

Водно, посочуваат, е специфично подрачје и неговата комплексна заштита искажува неопходна потреба од вклучување на сета релевантна и научна експертиза и апсолвирање на сè она што е досега направено за заштита на и од Водно, како и целокупната документација и студиска анализа што е правена со години наназад од секој аспект на користење, уживање и заштита на просторот. Нагласуваат дека е неопходен интердисциплинарен пристап во планирањето и заштитата.

– Историјата на Водно, не е така далечна, па со толкава леснотија да се заборави. Целата историја на Водно, напорите, а пред сè зачувувањето на безбедноста на граѓаните од поројните поплави и заштита од ерозија, се игнорирани. Минатото не смее да се потцени, ниту она што генерации пред нас го вложиле најпрво да го пошумат за да се спасат од заканите на тогашното голо Водно, а потоа и да го заштитат, нагласуваат од здружението.

Оттаму велат дека поради законска неможност во минатото поинаку да се заштити, Водно претежно вештачки пошумено, сега повторно се третира само од аспект на биодиверзитет и свесно се продолжува со несоодветната заштита и после толку децении. Голем дел од она што се предлага, сметаат тие, е во колизија со останатите закони, зонирањето е несоодветно и со тоа се нарушува функционирањето на безбедносниот систем за градот и води кон намалување на безбедноста на граѓаните од природните непогоди, што е, како што наведуваат, примарната функција на Водно.

– Единствен начин на кој Водно вистински би се заштитил, од сите аспекти, и природни и од опасноста на ерозии и порои, и заштита на културното наследство, заштита од пожари, како простор за рекреација, воздушна бања на Скопјани, е да се изготви посебен Закон за Водно. Зонирањето во тој случај, наместо сегашното што не го заштитува Водно, би било направено врз основа на сите изготвени студии и закони на сила за Водно, со што би се дефинирало точно кои активности каде се забранети и што е каде дозволено, истакнуваат од „Го Сакам Водно”.

Од овие причини бараат стопирање на постапката за носење на оваа одлука.

– Водно ќе остане без заштита, заштита која му е вистински потребна и која никогаш не била прашање на биодиверзитетот. Бараме да се донесе посебен закон за Водно, каде што аспектот на биодиверзитетот, согласно Законот за природата, ќе биде дел од заштитата и сите аспекти ќе бидат интегрирани. Очекуваме Владата да ги уважи нашите аргументи и да го стопира процесот за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, и итно да се пристапи кон изработка на посебен Закон за Водно, со формирање на експертска меѓуресорна комисија, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот