Ѓорѓиевски ветува дека ќе се среди хаосот во „Паркови и зеленило“, но сѐ уште не се сретнал со вработените
Пред неколку денови вработените во претпријатието ја добиле септемвриската плата, која доцни повеќе од два месеца, со што сега им се должи една задоцнета плата од октомври, а доколку исплатата се врши со истово темпо како и досега, најверојатно вработените навреме нема да ја добијат ниту платата за ноември
Пред почетокот на состанокот на координативното тело на Град Скопје со градоначалниците на сите десет скопски општини, кој во четвртокот се одржа во просториите на Град Скопје по повеќе од три години, скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, меѓу другото, изјави дека полека се стабилизираат работите во задолжените и блокирани јавни претпријатија.
Препорачано

Тој најголем акцент стави на „Паркови и зеленило“, претпријатие што долго време имаше проблем со исплатата на платите, придонесите, пензиското и здравственото осигурување, како и бонусите и прекувремените работни часови, односно им доцнеа или не им се исплаќаа сите потребни средства на вработените во „Паркови и зеленило“ и фирмите сестри „Флораком“ и „Луна“.
Протести со месеци, платите уште не се целосно исплатени
Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ со месеци одржуваа мирни протести, блокираа булевари и улици низ градот, а „Слободен печат“ постојано беше во контакт со претставниците од Независниот синдикат на претпријатието како и Независниот синдикат на државната администрација, кои ги организираа овие протести и беа најгласни во борбата за платата што со месеци им се должи на околу 700 од нивните колеги.
Тогаш работниците го бараа тоа што им следува, односно да биде платен нивниот работен труд, но со тогашниот директор на претпријатието и поранешната градоначалничка Данела Арсовска, која во еден момент пред нејзиното заминување од функцијата изјави дека ќе направи сѐ што е во нејзина моќ да им помогне на вработените, не успеа и тие повторно останаа неисплатени.
Сега, новото раководство во Градот на чело со Ѓорѓиевски се очекува да започне да го решава сериозниот проблем со неисплатените плати, а градоначалникот пред координативниот состанок со скопските градоначалници изјави дека ситуацијата во „Паркови и зеленило“ е стабилизирана и дека очекува до јануари да бидат израмнети платите што се должат, како и пензиските и здравствените додатоци на платата.

Градоначалникот вети нормализирање на состојбата и порамнување на платите, но се’ уште не се сретнал со вработените
Иако од Градот велат дека состојбата во „Паркови и зеленило“ се подобрува, од Независниот синдикат на претпријатието за „Слободен печат“ велат дека откако дошол на функцијата градоначалник на Скопје, Ѓорѓиевски во два наврата не им одговорил на нивното барање за прием во неговиот кабинет со цел да разговараат и да му предложат начини со кои би се порамниле платите.
– Ние како Независен синдикат на државната администрација заедно со Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ двапати поднесовме барања за прием кај новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, но од неговиот кабинет не добивме никаков одговор – изјави Горан Ристески од Независниот синдикат на државната администрација.
Во однос на изјавата на градоначалникот дека порамнувањата на платите ќе се финализираат во јануари, Ристески одговори дека вработените активно го следат Ѓорѓиевски во неговите јавни излагања и информираше дека и тие наслушнале дека до јануари ќе има порамнување, но, како што вели тој, тоа биле „чаршиски муабети“, односно информацијата не дошла официјално од директорот или некој од останатите официјални канали за комуникација.
– Ние го слушаме градоначалникот и сме подготвени да се сретнеме со него. Најави има, но освен најави посериозни планови за тоа како ќе ги добиеме средствата кои ни се должат пред нас се уште не се презентирани. Ние имаме и наши предлози и идеи во однос на начинот и распределбата на средствата кои со месеци ги чекаме, токму и тоа е мотивот на барањето за средба со новиот градоначалник – вели Ристески.
Иако се смени политичката гарнитура во Градот, директор на ЈП „Паркови и зеленило“ е се уште Јетон Бучи, кој својот мандат го доби во времето на Данела Арсовска, но според Ристески сета моќ за решавање на овој проблем е во Градот, а не претпријатието.
– Директорот не е променет, но единствената моќ е во Градот, доколку тие не ги пуштат парите, „Паркови и зеленило“ и понатаму ќе остане заглавено во долгови како што сега е „Комунална хигиена“ – вели Ристески.

Синдикатите имаат идеи за ефикасно надминување на оваа повеќемесечна криза
Тој изјави дека предлогот на синдикатите ќе се состои во одредени „тактички“ алокации на средствата од комуналиите кои граѓаните ги плаќаат на „Водовод и канализација“, во кои една од ставките е токму зеленило, а тие средства треба редовно да се префрлаат во „Паркови и зеленило“, но тоа за жал не се случува, а како што посочува Ристески, финалните суми од наплатените даноци со ставка „Зеленило“ се непознати – никој не знае каде се тие пари или за колкава сума станува збор.
– Ние имаме предлог со кој ќе се избегне исплатата на парите директно на „Паркови и зеленило“, туку ќе се изврши цесија – од Градот парите директно ќе легнуваат на сметката на вработените, со што ќе се избегне двојна трансакција од Градот кон „Паркови и зеленило“, а потоа кон нас – вели Ристески.
Платата за септември исплатена на крајот од ноември
Пред неколку денови вработените ја добиле септемвриската плата, која доцни повеќе од два месеца, со што останува уште една плата за октомври, а доколку исплатата се врши со истово темпо, ќе доцни и платата за ноември.
– Пред некој ден беше исплатена септемвриската плата, октомвриската веќе доцни, а уште малку ќе треба да ја добиеме платата за ноември. Градоначалникот го најави јануари како краен рок, па нас ни останува да го почекаме јануари – вели Ристески.
Нови 20 возила за „Комунална хигиена“
Освен за „Паркови и зеленило“, Ѓорѓиевски вчера се осврна и на ЈП „Комунална хигиена“, за кое изјави дека во моментов претпријатието располага со педесетина функционални возила и истакна дека до оваа пролет се очекуваат 20 нови комунални возила, кои ќе бидат набавени во соработка со Министерството за транспорт, а за оваа набавка ќе бидат одвоени четири милиони евра.

– Кога дојдов на функција, во „Комунална“ имаше 16 возила, 16 возила за десет општини и илјадници микро-локации, тоа е невозможно да се постигне. По големата акција, видовме дека може да се исчисти, а сега на располагање имаме педесетина возила. Можам да најавам дека со поддршка од Владата и Министерството за транспорт, наскоро ќе биде распишан тендер во висина од четири милиони евра за 20 нови комунални возила кои очекувам напролет веќе да бидат на градските улици – изјави Ѓорѓиевски.
Луна паркот ќе биде готов до крајот на 2027 година
Покрај тоа, тој додаде дека се започнати тендерски постапки за подземниот премин кај „Лимак“, изградба на кружен тек во Ѓорче Петров, како и за стабилизирање на водниот притисок во високите зони, а за следната недела најави дека ќе биде распишан тендер за почеток на реконструкцијата на Луна паркот, за кој очекува да биде во функција до крајот на 2027 година.
– Еден проект што ми е посебно драг е Луна паркот. Почнуваме постапка и конечно, по децении, нашите деца ќе добијат место за радост и игра. Нешто што ние и нашите генерации долго го очекувавме – порача градоначалникот на Скопје.


