Протест на вработените од ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ / Фото: „Слободен печат“ - Слободан Ѓуриќ

ФОТО+ВИДЕО | Вработените во ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ повторно на улица – доцни септемвриската плата

Од Независниот синдикат на трите претпријатија информираа дека сè додека не им се исплати платата за септември и не бидат повикани на прием кај управителите на претпријатието, тие ќе продолжат да излегуваат на улични протести и ќе продолжат со блокирање на булевари.

Откако повторно не добија плата во редовниот рок, но сега за септември, вработените во ЈП „Паркови и зеленило“ и сестрите-фирми „Флораком“ и „Луна“ денеска излегоа на протест каде побараа да им биде исплатена платата, која според претходно договореното требало да ја добијат до 15 октомври.

Горан Ристески, кој е дел од Независниот синдикат на државна администрација, каде членува и независниот синдикат на „Паркови и зеленило“ и двете сестрински фирми, истакна дека вработените немаат никаков контакт со управителите од претпријатието, кои ниту еднаш не се одзвале на нивните барања за средби, а веќе седум дена доцнат со исплатата на септемвриската плата.

„Денеска Независниот синдикат на „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ повторно излезе на улица. Се собравме од револт и незадоволство поради неисплатата на платата за септември на вработените на овие фирми. Имено, по исплаќањето на оваа плата, обврска на претпријатието е да исплатат и јубилејна награда, новогодишен додаток, регрес за годишниот одмор и така натаму. Денеска е 22 октомври, сè уште никој нема земено плата, поради што од минатиот четврток, синдикалната организација одлучи да се стави во штрајк“, вели Ристески за „Слободен печат“.

Тој додаде дека по одлуката за штрајк, еден ден подоцна ја ставиле во мирување и дале простор на менаџерскиот тим и Управниот одбор да се сретнат и да се договорат на кој начин ќе се врши исплатата на задоцнетите плати, за што веќе имало колективен договор, кој, според Ристески, се состоел од точно определени рокови за исплата кои од ЈП „Паркови и зеленило“ воопшто не ги почитуваат.

Роковите постојано се одложуваат и повторно не се почитуваат, токму поради тоа, во знак на револт, но и фактот дека овие луѓе имаат обврски кон банките, кон комунални такси, извршители и банки, тие излегоа и го побараа правото за плата на улица. Претпријатието секој месец добива средства од околу 60 милиони денари, но поради фактот што роковите за исплата се целосно поместени, средствата кои стигнале за исплата на септемвриска плата, беа веднаш потрошени за платата во август, со што постојано ќе се создава „дупка“, а платите ќе продолжат да доцнат – рече Ристески.

Овие три претпријатија бројат вкупно околу 750 вработени, а има 170 кои се со договор на дело.  Ристески информираше дека во последниот месец синдикатите постојано поднесувале барања за прием и за разговор со управителите од ЈП „Паркови и зеленило“, со директорот и со Управниот одбор, но одговор од нив за жал не добиле.

Овие луѓе вршат услуга и се даватели на услуги, тие немаат други приливи бидејќи и самите фирми се непрофитабилни, не остваруваат профит, а токму поради тоа Градот Скопје е должен за нив да обезбеди редовна плата, која подолго време не ја добиваат, а ги извршуваат обврските спрема граѓаните и Градот, додаде Ристески.

Од Независниот синдикат на ЈП „Паркови и зеленило“, „Флораком“ и „Луна“ информираа дека сè додека не им се исплати платата за септември и не бидат повикани на прием кај управилите на претпријатието, тие ќе продолжат да излегуваат на улични протести и ќе продолжат со блокирање на булевари. Како што најавија, штрајкот ќе продолжи во петок, 28 октомври.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот