Ѓоргиев: Негативата е голема, но нема да се откажеме во ниеден момент против Хановер
Ракометниот клуб Алкалоид одржа прес-конференција на која го најави реваншот со бундеслигашот РК Хановер-Бургдорф во квалификациите за Европската лига на ЕХФ.
Препорачано
Во првиот меч одигран во Германија, екипата на Хановер-Бургдорф славеше со 37:27.
Натпреварот ќе се игра во сабота со почеток од 19.30 часот во салата „Автокоманда“ во Скопје, а ќе биде посебен момент за тимот затоа што пред стартот на мечот ќе го добие пехарот во Европскиот Куп на ЕХФ кој го освои со победа над АЕК Атина во финалето.
– Негативата е голема, но ние нема да се откажеме во ниеден момент. Со помош на нашата публика ќе се бориме. Пред мечот го добиваме и пехарот во Европскиот куп, па затоа ја повикувам јавноста во сала, прво да се израдуваме на пехарот заедно, па потоа да бидат наш осми играч – изјави ракометарот на Алкалоид, Игор Ѓоргиев.
– Сѐ што ни останува е да дадеме 100 отсто од себе на терен и евентуално ако ни се даде шанса, да бидеме подобри од претходно и да го чекаме исходот. Ја повикувам публиката да ни даде поддршка на овој дуел на кој сакаме да сме подобри – се зборовите на ракометарот на Алкалоид, Валентин Карасманакис.


