Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Модри патлиџани во тегла
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес: модри патлиџани во тегла.
– Ако сакате нешто малку поинакво од класичната ајварска зимница, овие модри патлиџани во маслиново масло ќе ве освојат со својот мирис, вкус и медитерански шарм. Подгответе ги лесно, уживајте долго! – порачува Бобе.

Состојки:
– модри патлиџани
– морска сол
– алкохолен оцет
– маслиново масло
– лук (по вкус)
– чили (ако сакате лута нота)
– оригано

Подготовка:
Излупете ги патлиџаните, извадете ги дршките и исечете ги на тенки листови. Наредете ги во длабок сад, посолете со морска сол и ставете тежина врз нив. Оставете ги да пуштат вода преку ноќ. Следниот ден, исцедете ги и потопете ги во врела вода со алкохолен оцет околу 30 секунди, за кратко бланширање. Повторно исцедете ги и оставете ги да се сушат околу шест часа. Кога ќе се исушат, наредете ги во тегли: ред патлиџани, малку лук, прстофат оригано, чили (ако сакате лут шмек) – и повторувајте ја постапката додека да се наполни теглата. На крај, прелијте ги со маслиново масло додека теглата целосно не се наполни.
Чувајте ги теглите на темно и ладно место. Со секое отворање ќе откривате совршен спој на ароми – вистинска зимска деликатесна радост! Најубав додаток за во сендвич.




